Десеттемина кандидати за спасители ги завршија обуките на Црвениот крст од Охрид и тие летово ќе им се придружат на преостанатите 20 активни спасители и ќе се грижат за безбедноста на капачите на плажите покрај Охридското Езеро.
Според законот за Црвениот крст од 1995 година, организацијата Црвен крст е надлежна да врши обука и да се грижи за безбедноста на вода, на капалиштата и за безбедноста на планина.
- Ние ги вршиме обуките според европски стандарди, имаме национални инструктори и тие обуки ги закажуваме пред почетокот на секоја сезона, некаде во мај или јуни. До 2019 година имавме огромен одѕив на млади луѓе кои сакаа да се занимаваат со ова. Од 2019 година интересот се намалува, младите поинаку се ориентирани, повеќе се опуштени и се помалку одговорни. Од 2005 до денес имаме обучено над 800 спасители, но сега сме дојдени на 20. Поголем број се вработиле на друго место, некој од нив се повлекол поради старосната граница, а некој се отселил. Интересот за мотивирање на младите е во петта брзина, одиме во средните училишта, едуцираме за да сфатат младите колку е битен нивниот ангажман и колку е хумана оваа професија - вели секретарот на Црвениот крст од Охрид, Сашо Тошков, додавајќи дека порано кога интересот бил поголем, се организирале и по две обуки во еден месец.
Раководител на обуката беше националниот инструктор за безбедност на вода Дејан Јонузоски, кој за Факултети.мк го објасни целиот процес, од селекција на кандидати, тестирање, обука до полагање и стекнување со сертификат.
- Кандидатот за спасител треба да биде психофизички здрав со потврда од матичен лекар. По пријавувањето тој кандидат ги поминува тестовите по физичка подготвеност: пливање и нуркање. По 8 дена обука, кандидатите веќе се стручно оспособени да можат да ги извршуваат сите работи без никаков проблем. Имаат теоретски дел каде што се работи со презентации, скрипти, се објаснуваат сите закони, начини на подготовки. Практичниот дел е спасување на активен и пасивен давеник без спасително средство и спасување со спасително средство - објаснува Јонузоски.
Една од најтешките вежби е вадење капач од езерско дно.
- Имаме и вадење капач од езерско дно, што е една од најтешките вежби. Спасителот треба да нурне на минимум два метра и да го извлече манекенот кој тежи 60-70 килограми и да го изнесе на плажа до спасителниот пункт. Ова е езерска површина која е оддалечена 100 до 200 метри од пунктот и затоа се работи за тешка вежба. Затоа кандидатот мора да биде комплетно психофизички подготвен. Ова не е курс за пливање, вие треба да бидете спремни дека тука има 7 дена активност: пливање, скокови во вода, возење на чамец, супови, работа на река.... На курсот не ги милуваме кандидатите, тие од почеток се предупредени дека станува збор за тешка обука, за 7 интензивни работни дена. Имате утринско предавање, па одење на езеро, мала пауза за ручек, повторно има теоретски дел, па потоа повторно плажа до 19 часот - образложи националниот инструктор.
Годинава имало 10 кандидати затоа што се направила мала медиумска кампања низ училиштата, а лани биле едвај петмина.
- Станува збор за помлади луѓе и се случува да видат мала тешкотија и да се откажат, но тие што остануваат се претежно спремни момци и девојки кои си ја сакаат работата. Обуките се различни за на базен и на езерска површина. Во базенот има бистра вода, површина 25 на 50 метри, имате целосна контрола, додека во езеро има струење, бранови, јако сонце, облаци, дожд, ветер - објасни инструкторот Дејан Јонузоски.
Тој додаде дека Струга имала двајца кандидати, иако кај нив исто така е потребен голем број на спасители бидејќи имаат многу плажи.
Тие што ќе завршат добиваат меѓународна лиценца и можност да бидат ангажирани на некоја од плажите или базените за сосема солидна плата. Спасителите на плажите работат со парамедици кои по извлекувањето на давеник и давањето прва помош, го преземаат капачот и му укажуваат дополнителна помош.
- Просечно во сезона имаме од 16 до 20 извлекувања на давеници, од кои 30 % биле пасивни давеници во бессознание, а другите активни давеници кои биле во свесна состојба. Но, имавме и над 1.500 интервенции на 12 плажи за укажување помош од исеченици, сончаници... Доста ја олеснуваат работата на брзата помош, која во сезона тешко стигнува до оддалечените плажи - додаде Точков од Црвениот крст во Охрид.
Спасителите не работат само на јавните плажи, туку се грижат и за безбедноста на капачите во организирани кампови, извидници, работат на бродови кои имаат настан со многу гости, ги бараат кога се организираат водни спортови, маратони, едриличарски регати...
Според правилникот од Министерството за транспорт и врски, сите концесионери се обврзани да постават безбедносни услови, од знаци, чамец за интервенции, но не се обврзани да ангажираат спасител.
- Интересот на концесионерите беше минимален, ако може да се помине така, добро. Има недостиг на инспектори и не се вршат контроли. Ние како Црвен крст ги задоволивме потребите на оние што ни побараа. Лани бевме ангажирани на 12 плажи. Охрид има 37 до 40 уредени плажи, ние услуживме третина - истакна Точков и додаде дека се случувало спасителите да нема каде да работат во некои сезони затоа што немало интерес од концесионерите.
Тогаш Црвениот крст организирал патроли кои повремено патролирале на плажите каде што немало спасители со цел безбедноста на капачите да биде поголема.
Фото: приватна архива