X
 09.08.2026 Живот

Беше симбол на бумот на вештачката интелигенција, а сега загуби 35 милијарди долари за неколку дена

Пред само две години Леополд Ашенбренер важеше за еден од најперспективните луѓе во светот на вештачката интелигенција. Поранешниот истражувач на „Опен АИ“ стекна статус на своевиден „пророк за вештачка интелигенција“ благодарение на манифестот „Сичуејшнл авернес“, во кој тврдеше дека вештачката суперинтелигенција ќе го промени светот многу побрзо отколку што мнозинството очекува.

Денес, сепак, неговото име е синоним за еден од најголемите финансиски падови во ерата на ВИ бумот.

Неговиот истоимен хеџ-фонд, кој на почетокот на јули управуваше со имот вреден околу 45 милијарди долари, за само неколку дена падна на приближно 10 милијарди долари. Причината е наглиот пад на акциите на компаниите од секторот за полупроводници, огромната задолженост на фондот и принудната распродажба на инвестициите.

Облог врз вештачката интелигенција што не го издржа падот на пазарот

Ашенбренер агресивно инвестираше во компании за кои веруваше дека ќе бидат предводници на ВИ револуцијата, меѓу кои беа производителот на мемориски чипови „СК Хајникс“ и ВИ инфраструктурната компанија „Корвив“. Сепак, кога нивните акции почнаа нагло да губат од вредноста, следуваа повици за покривање на маргината од страна на доверителите.

За да ги покрие загубите, тој беше принуден да ги продаде сите свои позиции на инвестициската куќа „Цитадел“, водена од милијардерот Кен Грифин, и тоа со попуст.

Од „Опен АИ“ до Волстрит


Ашенбренер уште како тинејџер го привлече вниманието на академската заедница. Го заврши Универзитетот Колумбија како најдобар студент во генерацијата на само 19 години, работеше во пропаднатата крипто-компанија „ФТХ“, а потоа му се приклучи на тимот на „Опен АИ“ кој се занимаваше со безбедноста на вештачката интелигенција.

Од „Опен АИ“ си замина по судирот со раководството околу споделувањето доверливи информации, тврдејќи дека се обидувал да укаже на безбедносни пропусти во компанијата.

Непосредно потоа го објави манифестот кој стана задолжителна литература во Силициумската Долина и го привлече вниманието на инвеститорите. Веќе во средината на 2024 година започна хеџ-фонд со почетен капитал од околу 225 милиони долари, кои ги обезбедија познати инвеститори од технолошката индустрија, вклучувајќи ги основачите на „Страјп“, Патрик и Џон Колисон, поранешниот директор на „Гитхаб“, Нат Фридман, и инвеститорот Даниел Грос.

Гениј или пресамоуверен инвеститор?

До ова лето фондот бележеше раст поголем од 1.000 отсто, а многумина го сметаа Ашенбренер за еден од луѓето кои најдобро ја разбираат иднината на ВИ индустријата.

Сепак, критичарите со години предупредуваа дека тој никогаш претходно не управувал со инвестициски фонд и дека неговите спектакуларни резултати се повеќе последица на огромен ризик отколку на инвестициска генијалност.

- Многумина очекуваа ова да се случи. Прашањето не беше дали фондот ќе доживее колапс, туку кога - оцени Џери Дијао, поранешен трговец од Волстрит.
Лекција што ги надминува рамките на вештачката интелигенција

Падот на фондот „Сичуејшнл авернес“ покажа дека дури ни најточната долгорочна проценка за развојот на вештачката интелигенција не е доволна за успех на финансиските пазари.

Ашенбренер можеби и понатаму верува дека вештачката интелигенција ќе го промени светот токму онака како што предвиде. Но, Волстрит уште еднаш покажа дека, без оглед на визијата, преголемата задолженост и агресивното инвестирање можат да избришат десетици милијарди долари речиси преку ноќ.

Извор: BIZlife.rs
Фото: Мagnific

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот