X
 09.09.2025 Живот

Како да читате повеќе книги? Мал трик од познат писател ќе ви помогне

За некои луѓе читањето е бегство од реалноста, за други е извор на забава, но најважно е што претставува можност да се научи нешто ново. Изборот на книги е огромен, но за жал времето за читање често е ограничено. Тајната за тоа како да се читаат повеќе книги лежи во создавање нови навики и определувањето време за читање секој ден.

Прашањето што многумина си го поставуваат

Како да се читаат повеќе книги е прашање што си го поставуваат многумина, со оглед на тоа што на полиците во книжарниците и библиотеките има многу интересни и корисни наслови. Одговорот е многу едноставен, но бара малку труд и промени во рутината.

Од каде да се почне?


Потребно е да се пронајде време во денот што ќе го посветите на книгата. Тоа подразбира промена на одредени рутини и поставување приоритети. Наместо да гледате серија, може да издвоите време за читање книга.

Ова може да се практикува секој ден, а резултатот ќе биде повеќе прочитани книги месечно, а со тоа и годишно. Сепак, иако звучи едноставно, не е одржливо на долг рок за сите. Добрата вест е што не мора да биде така.

Трикот на Џејмс Клири

Писателот на книгата „Атомски навики“, Џејмс Клири, го наведува сопствениот пример. Тој одредил дека секое утро, откако ќе стане, ќе испие чаша вода, ќе запише три работи за кои е благодарен и ќе прочита 20 страници од книга. Пресметал дека така може да прочита седум книги за десет недели.

Клири смета дека ова функционира затоа што 20 страници не се премногу и не претставуваат напор за читање, а повеќето луѓе можат да ги прочитаат за половина час. Утринските часови ги одбрал затоа што тогаш имало помала веројатност да се појават обврски кои би му го одзеле времето.

Дополнително, ова може да се гледа и како вложување во себе - будење малку порано за да се направи нешто важно, иако не е итно. Уште подобро е ако се одреди точно време за читање.

Како да се променат навиките за читање?


За полесно започнување, треба да се земе книга што ве интересира и за која знаете дека е добра. За почеток може да се избере и пократка книга - брзината со која ќе се прочита ќе ве охрабри да продолжите и со други книги.

Одлична опција се и аудиокнигите кои може да се слушаат додека, на пример, готвите или патувате со автобус или трамвај. Може да ги слушате и додека шетате, а времето за слушање книга во текот на денот ќе ве поттикне и на повеќе движење.

Уште еден начин да се чита повеќе е приклучување на книжевен клуб. Одредете книга што на сите ви одговара и датум кога ќе се сретнете за дискусија. Ова е уште една причина за дружење, но и за читање.

Извор: n1.info.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот