X
 09.09.2025 Живот

Колумна: Поаѓањето во училиште - од радост и среќа до страв и стрес

Иако учебната година официјално е започната и веќе се нормализираат сите законски, програмски, педагошко-психолошки и други активности на институциите, сепак, треба да позборуваме за поаѓањето на училиште. Запишувањето и подоцна поаѓањето на училиште за детето вообичаено е најочекуваниот и најсреќниот ден. Тоа за детето е „нов свет“ исполнет со нови ликови, настани, ситуации во кои детето е надвор од семејната атмосфера. Тој ден тоа го замислува, мечтае да се случи и секако со нетрпение го очекува. Поаѓањето на училиште претставува чин кога детето привремено ја напушта семејната средина и со радост и среќа се вклучува во нова воспитно-образовна средина. Но за повеќето деца не секогаш е така! Зошто?

На патот кон стравот и стресот! 

Поаѓањето во училиште често се доживува како емоционално комплексен настан кој кај децата може да предизвика амбивалентни чувства – од неизвесност и страв до возбудa и радост. Овој премин од семејното и предучилишното опкружување кон новото институционално образовно опкружување бара адаптација која вклучува психолошки, социјални и когнитивни процеси. Според современите истражувања, првичните емоционални реакции на децата во голема мера го детерминираат нивниот понатамошен однос кон училиштето и учењето (Jiang et al., 2021). Стравот при поаѓање во училиште најчесто произлегува од непознатото – нови простори, нови лица, нови правила. Сепак, преку соодветна поддршка од наставниците и родителите, овој страв постепено се трансформира во чувство на сигурност, припадност и радост. Така, училиштето станува простор каде што се негува љубопитноста и каде што радоста од учењето го заменува почетниот страв. Во современиот педагошки дискурс се потенцира потребата од емпатичен и индивидуализиран пристап кој ќе го олесни овој премин, претворајќи го поаѓањето во училиште не само во образовна, туку и во позитивна емоционална животна пресвртница (Perry & Dockett, 2020).

Сугестии:
• Не дозволувајте вашето дете да мисли повеќе на вас отколку на себе во училиштето! Тоа се случува кога вашето однесување, особено невербално, не го дозволува природното емоционално одвојување од вас и семејството. За тоа има многу причини што треба да се разберат.
• Не правете никакви споредби со други деца! Вашето дете е индивидуа со свои предности, нагласете ги нив. Споредбите не придонесуваат многу, тие можат да го демотивираат детето или однесувањето да се пренасочи во друга насока. Не споредувајте го детето со вас, со неговиот брат или сестра или со другарчиња, секој има своја „социјална историја”.
• Не правете субјективни проекции и калкулации за одреден неуспех во процесот на адаптацијата или успехот во училиштето. Често пати тие се субјективни, а понекогаш и имагинарни.
• Секогаш прикажувајте го наставникот во најдобро светло! Првата средба на ученикот со наставникот-училиштето е „ваше дело“, таа треба да биде исполнета со среќа, радост и задоволство. Во спротивност, првиот удар може да го одреди понатамошниот однос на ученикот кон училиштето.
• Вашите секојдневни разделби со детето направете ги поприродни. Трудете се тргнувањето во училиште да не биде трауматично за него.
• Не покажувајте и воздржете се од манифестирање негативни емоционални реакции. Не покажувајте реакции на стрес, паника, вознемиреност, бес, незадоволство и друго бидејќи тие реакции многу брзо се копираат и преземаат во детскиот свет на емоции.
• Покажете толеранција за голем број проблеми. Имајте разбирање дека адаптацијата во училиштето е постепен процес, а не брз и едноставен чин. Оставете доволно време детето спокојно да влезе во новиот свет. 
• Претставувајте ја реалната слика на училиштето. Тоа значи претставување без некои претензии дека во училиштето секогаш ќе биде убаво или во училиштето мора само да се учи. Значи, претставете слика за тоа дека во училиштето има голем број предизвици, но и ситуации во кои има позитивни емоции.
• Не поставувајте превисоки барања од детето. Барањата што го надминуваат психо-физичкиот капацитет на детето често можат да бидат фрустрирачки за него бидејќи се соочува со неможност и неуспех.
• Покажете подготвеност за поддршка. Искажете јасен став дека ќе бидете со него и во тешките моменти бидејќи со тоа се зголемува самодовербата на детето.
• Не бидете (пре)голема жртва во извршувањето на неговите училишни обврски. Тоа значи да не ги завршувате домашните задачи наместо него, поради страв од неуспех.
• Имајте адекватен став кон успехот и неуспехот. Секогаш настојувајте да имате избалансиран однос кон постигнување успеси или неуспеси кај детето. Не предимензионирајте ги и не потценувајте ги неговите, и немојте да имате ригорозен став кон неговите неуспеси.
• Разговарајте  со детето за секоја тема за која ќе покаже интерес. Тоа е вистински барометар за вашата посветеност кон него.
• Во училиштето интересирајте се не само за педагошки проблеми и ситуации, туку и за емоционалните доживувања. Едностраниот интерес во оваа смисла ја загрозува емоционалната врска со вас.

Препораки:

Родители: Поаѓањето во училиште е важна промена и за детето и за семејството. Родителите треба да бидат поддржувачи, да обезбедат чувство на сигурност и да покажат доверба во детето. Топлото охрабрување и заедничките разговори го олеснуваат преминот од страв кон радост. Наставници: Првиот контакт и првите денови се пресудни. Наставникот треба да гради доверба, емпатија и позитивна атмосфера, приспособувајќи ги активностите на индивидуалните потреби на секое дете. Радоста од учењето започнува со љубезен збор и охрабрувачка насмевка. Училиште: Училиштето е институција која треба да обезбеди безбедно, стимулирачко и пријателско опкружување. Добрата организација, соработката со семејствата и современиот педагошки пристап ја претвораат првата средба на детето со училиштето во позитивно животно искуство. Ученици: Поаѓањето во училиште е патување од неизвесност кон откривање нови пријателства, знаења и радости. Стравот е природен, но со поддршка и охрабрување, училишните денови стануваат авантура полна со можности и раст.

Автор: проф. д-р Љупчо Кеверески

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот