Кога мозокот ослободува окситоцин за време на сексуални односи, породување, доење и социјални интеракции, хормонот поддржува силни чувства како што се приврзаност, доверба и блискост. Затоа окситоцинот често се нарекува хормон на љубовта, гушкањето или среќата, иако е поврзан и со агресија. За да продолжат да ја истражуваат биолошката улога на окситоцинот, тим истражувачи го проучувале хормонот преку видот Microtus ochrogaster – глодари што се наоѓаат низ централна Северна Америка и имаат врски што се слични на човечките пријателства во смисла дека се селективни и долготрајни.
-Овие глодари формираат силни, стабилни врски со одредени врсници. Овие врски можат да траат подолги периоди, дури и кога се достапни други социјални опции, што ги прави одличен модел за проучување на биологијата на пријателството - вели Маркита Ландри, хемичарка од Универзитетот „Беркли“.
Во студија објавена неодамна, Ландри и нејзините колеги ги анализирале однесувањата на глодарите кои биле генетски модифицирани за да немаат рецептори за окситоцин. Рецепторот за окситоцин, објаснува таа, е како „брава“ за која окситоцинот е „клучот“. Во суштина, хормонот треба да ја отвори бравата за да влијае врз мозочната активност.
-Глодарите обично создаваат пријателства во рок од еден или два дена, а потоа претпочитаат познати придружници наместо странци, или други глодари што не ги познаваат - вели Анализ Бири, виш автор на студијата и невронаучник на Калифорнискиот универзитет „Беркли“.
Сепак, на глодарите во оваа студија, без рецептори за окситоцин им требало подолго време од обичните глодари за да стекнат пријатели. Тие исто така биле помалку агресивни кон странци и ги избегнувале оние што не ги познавале.
Понатаму, кога истражувачите ги предизвикувале пријателствата ставајќи ги паровите глодари во групна ситуација, генетски модифицираните животни веднаш почнале да се мешаат. За споредба, обичните глодари останувале блиску до своите пријатели одреден временски период пред да се дружат со странци.

Во друг експеримент, тимот ги ставил глодарите во простор каде што морале да притискаат лостови за да стигнат до пријател, партнер или странец. Според Бири, обичните женски глодари обично притискаат повеќе на рачките за да го добијат својот партнер, отколку за да добијат странец, без разлика дали се во врска со врсници или партнер. Мутантите без рецептори за окситоцин, исто така, притискаат повеќе за да стигнат до партнер за парење, но не и во односите со врсници.
Глодарите со недостаток на рецептори се чини дека не ги доживуваат истите награди од поврзувањето со пријателите, како што би доживеале нормалните глодари, што значи дека не зачувале никакви значајни преференции.
-Откривме дека окситоцинот е неопходен за градење и одржување на овие врски и дека исто така го обликува начинот на кој глодарите комуницираат со странци - објаснува Ландри.
Во контекст на градење врски, се чини дека окситоцинот игра улога, особено во селективноста на пријателствата.
-Ова го проширува погледот на окситоцинот од тоа да биде само хормон на љубовта до поопшт хормон на социјални врски, кој поддржува и романтични и платонски врски - вели таа.
Пошироко, истражувачите сугерираат дека разбирањето на биологијата на пријателството на крајот може да обезбеди увид во состојбите што му отежнуваат на заболениот поединец да создаде или зачува социјални врски, како што се шизофренијата и аутизмот.
Фото: Freepik