X
 10.04.2024 Здравје

Брзото одење и умереното вежбање го намалуваат ризикот од паѓање кај постарите лица

Австралиско истражување објавено во „ЈАМА Нетворк оупен“ покажало дека постарите жени што вежбале околу 30 минути дневно, пет пати неделно, имале значително помала веројатност да доживеат повреди од падови, намалувајќи го ризикот до една третина.

Студијата ги нагласува придобивките од брзото одење и умереното вежбање за намалување на ризикот од паѓање, што е особено важно за одржување на независноста кај постарите возрасни лица.

Една од четири личности годишно доживува пад

Центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) во САД ја нагласуваат главната здравствена грижа поради падовите кај постарите возрасни лица, при што секоја четврта личност паѓа секоја година, што доведува до еден милион посети на итната медицинска помош. Падовите, особено оние што резултираат со фрактура на колкот, претставуваат сериозни ризици, со значителна стапка на смртност во следната година.

За да го испитаат влијанието на физичката активност врз ризикот од паѓање, истражувачите следеле повеќе од 10.000 жени на возраст од 45 до 50 години, од 1996 до 2019 година. Учесниците ја пријавиле нивната неделна физичка активност, категоризирана како брзо одење, умерена активност и енергично вежбање.

Студијата покажала дека вежбањето 150-300 минути неделно го намалува ризикот од паѓање без повреда за 26 отсто и паѓање со повреда за 30 отсто, со дополнително намалување на ризикот кога се вежба повеќе време.

Иако Светската здравствена организација препорачува најмалку 150-300 минути умерена или енергична активност неделно, секоја  физичка активност е корисна, нагласувајќи ја важноста и на малите зголемувања на нивоата на активност. Се покажало дека таи чи и брзото одење се особено ефикасни вежби за намалување на ризикот од паѓање, што е во согласност со наодите од претходните истражувања.

Извор: Krenizdravo.dnevnik.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје