X
 10.07.2023 Живот

Патување без багаж - авиокомпанија нуди услуги за изнајмување облека

Јапонска авиокомпанија лансира нова услуга која ќе им овозможи на патниците да резервираат облека која однапред ќе биде оставена на нивната дестинација. Патниците ќе можат да избираат облека со различна големина и за секоја сезона и пригода.

„Џапан ерлајнс“ ја лансира новата услуга како начин за намалување на емисиите на јаглерод. Авиокомпанијата соработува со една од најголемите јапонски корпорации, „Сумитомо“, за да понуди услуга за изнајмување облека за посетителите во земјата. Услугата се нарекува „Ени веар, енивер“ (англ. Any Wear, Anywhere - која било облека, каде било), а целта е да се поттикнат патниците да пакуваат помалку облека во својот багаж и со тоа да се намали потрошувачката на гориво на авиокомпанијата, а со тоа и емисијата на јаглерод.

Патниците преку веб-страница ќе можат однапред да резервираат услуга за изнајмување облека. Потребно е најмалку еден месец однапред да внесете информации за летот, големината на облеката, должината на престојот и во која сезона патувате. Потоа, облеката ќе биде испратена онаму каде што ќе бидете сместени.

Изнајмувањето чини меѓу 25 и 40 евра, во зависност од бројот на артикли. Посетителите можат да изнајмат до осум парчиња облека за две недели. Покрај системот за онлајн резервации, „Сумитомо“ ги надгледува и набавките, перењето и испораката на облека, во партнерство со компанија за хемиско чистење и добавувач на облека.

Пробниот период првично ќе биде ограничен на посетителите кои пристигнуваат во земјата користејќи ја „Џапан ерлајнс“ до август 2024 година. Меѓутоа, доколку услугата се покаже како успешна, „Сумитомот“ ќе размисли за пуштање на услугата и во други авиопревозници.

Претставниците на компанијата ѝ објаснија на јавноста дека секој килограм тежина на летот меѓу Токио и Њујорк ја намалува емисијата на јаглерод од авионот за 0,75 килограми.

Исто така, кога се спроведува во голем обем, иницијативата би можела да биде многу ефикасна. Според Јапонската национална туристичка организација, 1,9 милиони странски патници ја посетиле Јапонија во мај 2023 година, достигнувајќи ниво од речиси 70 отсто од растот на туризмот забележан пред пандемијата. Овој прилив на странски посетители, потпомогнат од повторното отворање на границите на земјата, може да обезбеди доволно корисници на услугата за влијанието да е позитивно.

Извор: b92.net
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот