X
 10.07.2025 Култура

Овие серии на „Нетфликс“ му се омилени на режисерот Квентин Тарантино

Ерата на стримингот донесе целосна промена во Холивуд, а списокот со познати режисери кои сè уште не снимиле филм/серија за некоја стриминг-платформа станува сѐ покус со секоја измината година. И покрај тоа, изгледа сосема сигурно дека Квентин Тарантино секогаш ќе остане исклучок.

Тој и самиот вели дека има уште само еден филм во себе, па шансите да го сними тој последен проект за „Нетфликс“, „Прајм видео“ или „Епл ТВ+“ се еднакви на нула. Но, тоа не значи дека не прифаќа хонорари од нив, а токму тоа се потврдува со големиот надомест што го добил за учеството во продолжението на „Си било еднаш во Холивуд“ на Дејвид Финчер.

Финчер, слично како и Мартин Скорсезе, Алфонсо Куарон, браќата Коен, Бонг Џун-хо, Вес Андерсон и Рон Хауард, е дел од елитната група наградувани режисери кои веќе имаат работено на филмови или серии за стриминг-платформи. Но, дури и ако кариерата на Тарантино трае вечно, тој нема да им се придружи.

Тој му дозволи на „Нетфликс“ да ја прикаже „Омразената осумка“ како мини-серија од четири дела, но никогаш не би создал оригинално дело за платформата. Според него, делата што тие ги нарекуваат филмови, особено оние со Рајан Рејнолдс, не се вистински филмови и не заслужуваат место во културната меморија.

Сепак, само затоа што не би снимал филм за „Нетфликс“ и што отворено ја критикува неговата улога во индустријата, не значи дека се преправа дека оваа стриминг-платформа не постои. Не може да сфати зошто публиката преферира да гледа нови филмови од каучот или телефонот наместо да оди во кино, но не е и слеп за трендовите.

Имено, тој дури посочил една оригинална серија како најдобра од продукцијата на „Нетфликс“. Со над 300 милиони корисници низ светот, можно е и во домаќинството на Тарантино да се плаќа претплата.

- Мојата омилена серија, без конкуренција, е „Проклетството во куќата Хил“ (англ. The Haunting of Hill House) - изјавил тој. 

И има право. Вознемирувачката и маестрално склопена натприродна драма на Мајк Фланаган со право се вбројува меѓу најдобрите во историјата на „Нетфликс“. Дури и самиот Фланаган бил изненаден што добил таков комплимент од еден од највлијателните режисери на денешницата.

 

Иако сите пет негови серии за „Нетфликс“ се вредни за гледање, мнозинството се согласува дека „Проклетството во куќата Хил“ е неколку скалила над „Проклетството на имотот Блај“ (англ. The Haunting of Bly Manor), „Полноќна миса“ (англ. Midnight Mass), „Полноќниот клуб“ (англ. The Midnight Club) и „Падот на куќата на Ашерови“ (англ. The Fall of the House of Usher).

Друга серија што го импресионирала Тарантино е „Дамски гамбит“ (англ. The Queen’s Gambit) на Скот Френк, и тоа се единствените две стриминг-серии што тој ги смета за омилени. Не е тоа некоја богата листа, особено со оглед на тоа што платформите објавуваат стотици оригинални наслови годишно. Но ако успеете да го освоите вниманието на човек кој отворено зборува против стримингот, тогаш вашето дело навистина вреди.



Извор: Faroutmagazine.co.uk
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура