X
 10.08.2019 Живот

500 години од почетокот на патувањето со кое се докажало дека Земјата е заоблена

Пред точно 500 години, на 10 август 1519 година, португалскиот истражувач Фернандо Магелан и неговиот колега, Шпанецот Хуан Себастијан Елкано, тргнале од пристаништето во Севиља на првиот пат околу светот во историјата на човештвото.

Експедицијата од пет брода со 237 луѓе тргнала во откривање на новиот пат кон Молучките Острови богати со зачини, така што пловела западно. Магелан морал да биде наоружан со голема упорност и трпение пред обесхрабрените луѓе и побуните кои ги организирале неговите шпански капетани.

Пред да го открие теснецот меѓу Атланскиот и Тихиот Океан во октомври 1520 година, Магелан изгубил два од пет брода. Едниот потонал во морето на крајниот југ на американскиот континент, а другиот се вратил во Шпанија.

По преминувањето преку Тихиот Океан, Магелан стасал до Филипинскиот архипелаг, кој се наоѓа малку посеверно, но на истата лонгитуда како и Молучките острови. Сакајќи да ги направи домородците христијани, Магелан умира во април 1521 година во борба на островот Мактан откако ја преценил воената моќ на неговиот екипаж. Експедицијата тогаш ја презел Елкано, кој го завршува патот околу светот со 18 преживеани во едниствениот преостанат брод наречен „Викторија“.


Фото: Wikipedia

Додека Португалците придаваат мало значење на улогата на Елкано, шпанската Кралска академија смета дека првото патување околу светот е шпанска иницијатива.

Магелан патувал во служба на шпанската круна бидејќи не успеал да го убеди тогашниот крал на Португалија да го поддржи. Морнарите кои пред 500 години тргнале од Севиља биле од разни националности и меѓу нив имало и Италијанци, Грци и Французи.

Со патувањето околу светот Магелан потврдил дека Земјата е заоблена.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот