Во Јапонија вештачките миленици со вградена вештачка интелигенција, кои развиваат своја единствена личност во зависност од тоа како се однесуваат кон нив додека „растат“, стануваат сè попопуларни.
Наречен Мофлин, овој крзнен робот развиен од „Касио компјутер“, е способен да развие над четири милиони различни особини на личноста. Миленичето со помош на вештачка интелигенција ја препознава личноста која најчесто му се обраќа и постепено учи што ѝ се допаѓа, реагира на галење и прегратка и покажува емоции и однесувања кои варираат со текот на времето.
- Сакавме да ѝ се обратиме на женската публика. Замислувавме придружник кој може да ви даде поддршка дури и кога имате проблеми на работа или во вашиот приватен живот - истакна Ерина Ичикава (42), лидер на тимот што го создаде Мофлин.
Проектот се интензивира кога еден инженер донел прототип на робот за да покаже колку можат да бидат симпатични малите животни. „Касио“ го лансира Мофлин во ноември, а до март веќе продаде повеќе од 7.000 примероци, надминувајќи ги своите очекувања. Особено е популарен кај жените во доцните триесетти и четириесетти години, а компанијата вели дека многу корисници го носат Мофлин на излети во нивните слободни денови.
- Луѓето сметаат дека нивниот Мофлин е уникатен бидејќи како животните, и роботите покажуваат индивидуални емоции, промени во карактерот и расположението, па дури и различни циклуси на спиење - додава Ичикава.
Цената на роботот е 59.400 јени (околу 400 долари), а „Касио“ дополнително нуди услуги за одржување, како што е специјален салон за перење и чистење на крзното на роботот.
Извор: benchmark.rs
Фото: YouTube screenshot