Инфраструктурата за вештачка интелигенција би можела до 2050 година да создаде толку многу електронски отпад, што со него би можела да се направи низа од бродски контејнери која шест пати би ја обиколила Земјата.
Досегашните процени главно се фокусираа на серверите и акцелераторите, како што се графичките процесори, кои сочинуваат само 13 проценти од вкупната маса на опремата во центарот за податоци, се наведува во извештајот.
Кога ќе се земат предвид системите за напојување, вмрежување, ладење и другата инфраструктура, вкупната количина отпад би можела да биде 40 до 60 пати поголема од најчесто цитираните академски предвидувања.
Извештајот наведува пет категории опрема: вмрежување, дистрибуција на електрична енергија, системи за резервно напојување, сервери со акцелератори и системи за ладење. Заедно, оваа опрема тежи околу 7.000 метрички тони во референтен центар за податоци за ВИ со моќност од 100 MW. Голем дел од таа опрема ќе мора да биде заменет при надградбата на постројките.
Извештајот „Колку е голем бранот на отпад од ВИ?“ („How Big Is the AI Waste Wave?“) го објави организацијата Базел екшн нетворк (БАН). Станува збор за непрофитна организација именувана според Базелската конвенција, која го регулира меѓународниот промет на опасен отпад и се стреми да го спречи неговото префрлање од развиените држави во земјите во развој.
Претпоставки за темпото на замена на технологијата
Моделот на БАН поаѓа од плановите на индустријата за изградба на нови капацитети и ја пресметува потенцијалната количина отпад што произлегува од таквото проширување.
Се проценува дека инфраструктурата за ВИ во периодот од 2025 до 2050 година ќе создаде помеѓу 395 и 617 милиони тони електронски отпад. Според извештајот, таа количина би исполнила помеѓу 15 и 23 милиони бродски контејнери. Кога 20 милиони такви контејнери би се наредиле еден зад друг, би се создала низа долга околу 244 илјади километри, што е речиси шест пати повеќе од обиколката на Земјата.
Процената се заснова на неколку претпоставки. Моделот претпоставува дека бакарот, челикот, опремата за ладење и дистрибуција на енергија, мрежната опрема и компјутерскиот хардвер во најсовремените центри за податоци за ВИ ќе бидат повлечени од употреба во рок од неколку години, а не децении, како што оваа технологија ќе застарува.
На пример, во извештајот се наведува дека при замената на серверските ормани кои трошат помеѓу 5 и 15 kW со оние што трошат од 50 до 140 kW (што е потребно за работните оптоварувања на ВИ), голем дел од постојната инфраструктура за напојување мора да се отстрани и да се замени со нова.
ГПУ-ата и другите акцелератори за ВИ се заменуваат на секои две до три години, тврди БАН, во споредба со пет до седум години за традиционалните сервери со општа намена. Моделот претпоставува дека сопствениците ги заменуваат целите сервери при надградба на најновата генерација ГПУ-а од „Нвидија“, на пример.
БАН тврди дека тоа е веројатно бидејќи производителите на оригинална опрема обично испорачуваат целосни, однапред конфигурирани системи. Останатата опрема има различни циклуси на замена: три до четири години за мрежната инфраструктура, осум години за дистрибуција на енергија и пет години за резервните системи за напојување и ладење.
Во план се нови истражувања. Следното би требало да испита како повторната употреба, обновата и пренамената можат да ја намалат количината на електронски отпад. Третото ќе ја разгледа неговата потенцијална токсичност, вклучително и контаминацијата со перфлуороалкилни и полифлуороалкилни супстанции (ПФАС), додека четвртото ќе ги испита начините за ублажување на ризикот.
Ниту еден хиперскалер, влада или меѓународно тело нема објавено план за ракување со електронскиот отпад предизвикан од вештачката интелигенција во предвидените размери, се наведува во извештајот. Се додава дека нема доволно инфраструктура за безбедна обработка дури ни на тековните количини.
Фото: magnific