X
 10.10.2018 Образование

Младите инженери од Македонија примени во европското семејство

Младите инженери од Асоцијацијата на здруженијата на инженери – Инженерска институција на Македонија станаа полноправни членови на Европската федерација на млади инженери. Членството го официјализира Советот на федерацијата на конференција во Малта, која се одржа од 4 до 7 октомври, каде што ИМИ ја презентира својата работа, како и целите и задачите што ги имаат младите инженери во оваа институција.



Делегацијата во Малта ја предводеа претседателот на Инженерската институција на Македонија, професор д-р Христина Спасевска, и претставник на младите инженери, магистер Александар Крлески.

- Ова е значаен настан за Инженерската институција на Македонија како единствена професионална асоцијација што обединува дваесет здруженија од сите области на инженерството и ги потврдува нашите заложби континуирано да придонесуваме за подобрување на условите за работа и напредување на младите инженери во Македонија. Соочени со нивниот одлив од земјата, членството на нашата организација во Федерацијата ќе овозможи размена на искуства на европско ниво и нивно пренесување во државата, со цел да се направат ефикасни политики за нивно задржување во Македонија - вели професор Спасевска.



За Крлески, ова е можност младите инженери од Македонија да комуницираат со повеќе од 250 илјади инженери и студенти од Европа.

- Нашето членство во Европската федерација ќе придонесе да работиме со уште 20 други организации од 17 земји, претставувајќи 250 илјади млади инженери и студенти, кои веќе се дел од Федерацијата. Наша цел е преку заедничко дејствување на граѓанско и на политичко ниво да градиме една европска иднина, разменувајќи ги нашите знаења, искуства и култура - додава Крлески.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование