X
 10.11.2022 Образование

Ќе штрајкуваат 70.000 универзитетски професори во Велика Британија

Околу 70.000 британски универзитетски професори и истражувачи ќе штрајкуваат кон крајот на овој месец. Тие се револтирани поради ниските плати, несигурните работни односи и помали пензиски приходи. На професорите и истражувачите ќе им се придружат и медицинските сестри, а можеби и учителите и наставниците во училиштата.

Од универзитетскиот синдикат објавија дека националниот штрајк ќе се одржи на 24, 25 и на 30 ноември, а во него ќе учествуваат вработени лица во 150 универзитети, пренесува „Гардијан“. Штрајкот ќе влијае врз околу 2,5 милиони студенти.

Од синдикатот изјавија дека прекинот во предавањата може да биде одбегнат доколку работодавците брзо реагираат и достават подобри понуди. Во спротивно, синдикатот најавува штрајкови до почетокот на следната година и бојкот на испитите.

Во меѓувреме,  продолжуваат штрајковите во поштенската компанија, а се планираат и дополнителни штрајкови од страна на вработените во железницата. Се очекува универзитетскиот штрајк да биде најголем во високото образование досега.

Според претставници од синдикатот, деканите свесно одбираат да си доделат високи плати и да чуваат милијарди фунти во резерви, а да им ги намалуваат пензиите на поранешните вработени.

Синдикатот бара зголемување на платите поради кризата, ставање крај на несигурните работни договори и укинување на одлуката за намалување на пензиите.

Извор: The guardian
Насловна фотографија: Freepik
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование