X
 11.02.2023 Наша тема

Младата оперска дива Јаворка Витанова по настапот во Кремљската палата: „Ова е моето најголемо достигнување досега“

Чувството е неописливо, а одговорноста огромна. Овој концерт е дел од најспектакуларните музички настани во Москва, се одржува секоја година и има претставници од цел свет. Бев поканета од организаторите како победник на натпреварот „Романсијада“ во Москва во 2018 година, вели Јаворка

На големата сцена во славниот Московски кремљ, меѓу најдобрите вокали на светот настапи и нашата млада оперска дива Јаворка Витанова, која во дует со Сергеј Обабкин изведе дело од руската класика. Настапот беше дел од традиционалниот 10. Меѓународен ден на руската романса во Кремљ, каде што Јаворка беше опкружена со пејачи од Русија, Кина, Јужна Кореја, Бугарија, Кипар, Ерменија, Киргистан и Узбекистан. Инаку, Јаворка ја доби поканата за овој настап благодарение на победата на натпреварот „Романсијада“ во 2018 година.

- Чувство е неописливо, а одговорноста огромна. Овој концерт е дел од најспектакуларните музички настани во Москва, се одржува секоја година под покровителство на УНЕСКО и има претставници од цел свет. Романсите беа изведени во придружба на големиот оркестар под диригентство на почесниот уметник на Русија, Дмитриј Дмитриенко. Бев поканета од страна на маестралната Галина Сергеевна, која е организатор на овие настани - вели Јаворка.

Јаворка веќе неколку години е дел од ансамблот на Националната опера и балет, каде што се вработила веднаш по завршувањето на студиите на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Моментално фокусот ѝ е насочен на подготовка на солистички концерт кај нас, кој би бил нејзино првенче.

- Дебито со солистичка улога се надевам ќе биде набрзо. Првпат застанав на сцената во операта кај нас со оркестар во прва година на факултет, на концерт посветен на проф. Коста Трпков. Потоа секоја година до крајот на школувањето бев дел од овие концерти кои ми беа мал прозорец кон она што вистински значи да се пее на ваква сцена. Во НОБ се вработив во 2019 година. Во текот на магистерските студии се отвори конкурс за вработување и аудиција, се пријавив и ме примија - додава Јаворка.

Од мала опкружена со музика и со музичари

Родена и израсната во Струмица, Јаворка од мали нозе била предодредена да се занимава со музиката. Нејзиното секојдневие било исполнето со песна, а постојано била опкружена со музичари, почнувајќи од дедо ѝ, татко ѝ, а подоцна и брат ѝ.

- Имав убаво детство и бев опкружена со семејство, пријатели и наставници кои ми беа огромна поддршка, безрезервно вложуваа во мене да напредувам и да станам тоа што сум денес. Можам да кажам дека моите родители се главните „виновници“ за мојата определба да се занимавам со музика, навреме го забележаа мојот талент и ме запишаа во основното музичко училиште во Струмица. Мојот прв инструмент беше пијаното, но подоцна ми се појави и желбата за пеењето. Музичкиот пат во моето семејство започна од дедо ми, па татко ми, подоцна и јас и брат ми. Можам да кажам дека најголем дел од фамилијата се музичари, дури и тие што не се занимаваат со музика се доста музикални. Во таква средина „заразата“ е неминовна - се присетува Јаворка.

Покрај пеењето, Јаворка имала голема желба да биде актерка. Со оглед на тоа што оперското пеење вклучува многу актерски елементи додека се настапува на сцена, може да се каже дека Јаворка го избрала вистинскиот музички правец.

- Со оглед на тоа дека сега се занимавам со оперско пеење на сцена, имам чувство дека дел од таа желба ми е остварен. Изборот да се посветам на пеење беше кога се запишав во средното музичко училиште во Скопје. За мене доста лесен избор, морам да признаам. Едноставно љубовта кон пеењето надвладеа. Во тој период уште не бев целосно вљубена во оперското пеење затоа што дотогаш и немав некој посебен контакт со операта, но сето тоа се промени со текот на годините и работата - додава Јаворка.

На ФМУ целосно ѝ ја посветив мојата доверба на менторката Весна Ѓиновска-Илкова

Во средното музичко училиште Јаворка ги сфатила тежината и сериозноста на оперското пеење, така што почнала да вежба секој ден по неколку часа. Во средно била доста посветен ученик, а самата вели дека фактот што учела во клас со одлични и амбициозни инструменталци и пејачи, ѝ бил дополнителен мотив за напредок.

- Тој период ги сфатив тежината и сериозноста на оперското пеење. Освен вокалната техника, треба да се совлада текст на неколку јазици, да се разбере приказната на делото и да се проучи ликот кој треба да се отпее. Кога дојде време за упис на факултет, единствената работа што пресуди да останам овде беше тоа што на факултет влегов во класата на одличен ментор, односно во класата на нашата првенка - сопранот Весна Ѓиновска-Илкова. Во текот на школувањето посетував многу мастер-класови, работев со многу професори по пеење, оперски пејачи, диригенти и режисери кај нас и во Европа - се присетува Јаворка.

Јаворка за нејзиниот идол и ментор Ѓиновска-Илкова вели...

- Јас целосно ѝ ја посветив мојата доверба, а таа мене безрезервно ми го даваше своето знаење и поддршка во текот на целото образование, по дипломирањето продолжив и на магистерски студии кај неа. Прекрасна жена, секогаш максимално посветена на работата и на пеењето. Одвреме-навреме одев и на часови кај мојата тетка, примадоната Милка Ефтимова, која воедно ѝ била професорка на мојата професорка. Сите ментори со кои работев и уште работам имаат удел во тоа што сум јас денес. Секој има нешто вредно да каже, наше е што ќе прифатиме - објаснува Јаворка.

Најголема награда по секој концерт ми е аплаузот на публиката

Јаворка во моментов е дел од хорскиот ансамбл на НОБ и е среќна што ја работи професијата што ја одбрала, но останува желна за напредок. Таа вели дека работата во хорскиот колектив ѝ помогнала многу во ослободувањето и привикнувањето на големата сцена, рефлекторите, работата со различни диригенти, режисери...

- Сите пејачи сонуваат за големите светски сцени. Патот дотаму не е лесен, но верувам дека со многу работа и упорност сѐ се постигнува. За мене, секој настап е посебен и секогаш давам сѐ од себе на сцена. Најголема награда по секој концерт ми е аплаузот на публиката. Како најголемо достигнување досега морам да го издвојам концертот во салата на Кремљската палата. Воедно, еднакво драги ми се сите настапи со Оркестарот на НОБ, Филхармонија, Симфонискиот оркестар на ФМУ, солистичиот концерт во Рим претходната година, сите солистички концерти кај нас и првото место во Москва на натпреварот „Романсијада“ во 2018 година - вели Јаворка.

За годинава што претстои, Јаворка најавува засилување на концертното темпо, како и да продолжи со развојот како педагог.

- Некогаш помислувам дека амбициите ми се поголеми отколку што можам да постигнам, но универзумот секогаш ме потсетува дека сѐ што ми е дадено е затоа што можам да го направам и го заслужувам. Наредниот период ќе ми биде исполнет со учење нов материјал, аудиции, подготовка на улога, спремање на солистички концерт и уште неколку интересни проекти кои се во подготовка. Паралелно, предавам пеење во приватното музичко училиште Piano Academy во Скопје - завршува Јаворка.

Фото: приватна архива

Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема