Физичките способности слабеат со стареењето, но многумина од нас сакаат да веруваат дека тоа нема да биде проблем сѐ додека не влеземе во „златните години“.
Сепак, според ново истражување, фитнесот и силата почнуваат да опаѓаат на 35-годишна возраст, без разлика на навиките за вежбање. Потоа следува постепен пад што се забрзува со стареењето.
Иако ова може да биде неизбежно, не значи дека е надвор од нашата контрола. Дури и ако физичката активност не може да го одложи моментот на нашиот физички врв, таа сепак може да го забави темпото со кое нашите способности се намалуваат, покажува истражувањето.
Стареењето вклучува прогресивен пад на скелетните мускули, што кај некои лица може да стане видливо во нивните 60. години, понекогаш ограничувајќи ја подвижноста.
Претходни истражувања на елитни спортисти покажале дека и покрај континуираниот тренинг, физичките перформанси обично достигнуваат врв околу 30-годишна возраст. Ова укажува дека механизмите за губењето на мускулната маса поврзана со возраста можеби веќе дејствуваат децении пред да станат клинички значајни.
Постојат предности во проучувањето на физичките способности кај спортистите, како достапноста на податоци и отсуството на влијанието од седентарниот живот, но постои и „очигледната слабост“ дека елитните спортисти можеби не се репрезентативни за општата популација, истакнуваат авторите.
Истражувачите спровеле долгогодишно истражување со цел да се измери физичката способност на општата популација од адолесценција до постара возраст
Истражувачите користеле податоци од Шведското истражување за физичка активност и фитнес SPAF, долгогодишно истражување што следи стотици учесници во Шведска од 1974 година, кога имале 16 години.
Истражувањето вклучува податоци за сила и фитнес на истите лица во пет интервали во последните пет децении (16, 27, 34, 52 и 63 години), овозможувајќи уникатна можност за мерење на промените во физичките способности во половина век.
Според авторите, истражувања спроведени во определен временски период можеби потцениле колку физичката способност опаѓа со возраста, но нивните наоди го поддржуваат доказот дека тоа слично се одразува и кај мажи и кај жени.
Мускулната издржливост и максималната аеробна способност достигнале врв меѓу 26 и 36 години, по што постепено опаѓале - првично за 0,3 отсто до 0,6 отсто годишно, а подоцна до 2,5 отсто годишно, без разлика на полот.
Била забележана разлика кај мускулната сила: мажите достигнале врв на 27 години, а жените на 19 години. Потоа мускулната сила опаднала со слични стапки, првично 0,2 отсто до 0,5 отсто годишно, а подоцна се забрзала до повеќе од 2 отсто годишно. До 63 години вкупниот пад од нивниот физички врв изнесувал од 30 отсто до 48 отсто.
Иако не можеме да го избегнеме или да го одложиме физичкиот пад, можеме да ја намалиме неговата брзина со редовна вежба, велат авторите.
- Лицата што биле физички активни во своето слободно време на 16 години задржале повисока аеробна способност, мускулна издржливост и мускулна сила во текот на целиот период на набљудување - пишуваат тие.
Ова ја истакнува важноста од промовирање на физичката активност кај тинејџерите и младите, но пораката е корисна без разлика на возраста. Учесниците што станале поактивни во возрасни години сепак успеале да ја подобрат својата физичка способност за околу 10 отсто, покажало истражувањето.
Извор:
sciencealert
Фото: freepick