Икар загинал бркајќи го Сонцето во близина на островот Икарија, според легендата. Жителите на овој грчки остров во источниот дел на Егејското Море не преземаат такви ризици. Нивниот живот е мирен, исполнет со сонце (на безбедно растојание), песок, добра храна и друштво. Оброците обично се типична медитеранска храна - мешунки, цели зрна, малку риба, малку месо и уживаат во друштво на пријателите.
Овој начин на живот, според некои истражувачи, ги создава најдолговечните луѓе меѓу нас.
Икарија е една од светските „сини зони“, места кои имаат голема концентрација на стогодишници благодарение на нивната култура на дружење, бавен живот и здрава исхрана. Таа култура вклучува и умерен пристап кон пиењето алкохол.
Жителите на „сините зони“ често пијат по една или две чаши црвено вино дневно, најчесто во текот на долгите оброци со пријателите. Тоа е став кон алкохолот што некои нутриционисти го опишаа како веројатно најзрелиот што човек може да го има.
Исто така, може да има и здравствени придобивки. Црвеното вино содржи антиоксиданси и полифеноли. Овие две соединенија, сами по себе, имаат одредени кардиоваскуларни придобивки. Но, не мора да биде црвено вино. Неколку студии покажуваат дека луѓето што пијат ниски или умерени количини на каков било алкохол ги добиваат истите кардиоваскуларни придобивки, па затоа и имаат тенденција да живеат подолго.
Па, дали треба да го следиме примерот на жителите на „сините зони“? Дали постојат аргументи во корист на алкохолот?
Емануела Гакиду, професорка по науки за здравствени метрики на Универзитетот во Вашингтон, би сакала да верува дека начинот на живот во „сините зони“ е најздравиот.
Родена во Грција, таа пораснала со идејата дека комбинацијата од медитеранска исхрана, физичка активност и умерено, социјално пиење е добра работа.
- Ако ги погледнеме научните докази, вистинскиот одговор е дека во реалноста не знаеме - вели таа.
Иако е изградена цела мала индустрија околу здравствените предности од делумното или целосното придржување кон исхраната во „сините зони“, рецензираните студии за нејзините нутритивни придобивки сè уште се ретки (дури и идејата дека областите како Икарија имаат повеќе стогодишници од просекот е контроверзна).
Постои поголема научна извесност околу влијанието од внесувањето алкохол. Знаеме дека ако некој пие прекумерно и често, неговите шанси да развие заболување на црниот дроб, панкреатитис и рак драстично се зголемуваат. Влијанијата од ниското до умереното ниво на пиење се помалку јасни.
Во јуни 2026 година Гакиду беше коавторка на метастудија заснована на 843 истражувања за здравствените влијанија од консумирањето алкохол.
Заклучокот беше дека луѓето што пијат умерено или многу малку алкохол имаат помал ризик од исхемичен и хеморагичен мозочен удар, исхемична срцева болест и Алцхајмерова болест отколку оние што воопшто не пијат алкохол, па затоа имаат и поголеми шанси да живеат подолго.
Извор:
Science Focus
Фото:
Wikipedia