X
 08.08.2025 Наука

По трагите на старите истражувачи: Пловечката станица „Тара“ ќе го истражува Арктикот препуштајќи се на ледените океански струи

Научниците започнуваат мисија вредна 23 милиони долари со иновативна пловечка истражувачка станица од која ќе се водат десет последователни експедиции во периодот од 2025 до 2046 година.

Идејата за воспоставување на станицата „Тара полар“ е заснована на познатата експедиција на норвешкиот истражувач Фритјоф Нансен, кој во далечната 1893 година тргнал со бродот „Фрам“ со цел да им се препушти на струите што го носат мразот преку Арктичкиот Океан.

Благодарение на заоблениот труп, бродот можел да го издржи притисокот и да се движи заедно со мразот без да се оштети. Иако Нансен не стигнал до Северниот Пол, неговата тригодишна експедиција докажала дека е можно мразот да се користи како платформа за истражување на Арктикот.

Повеќе од еден век подоцна, станицата „Тара полар“ ја оживува оваа храбра идеја, овој пат во служба на науката. Дизајнирана од фондацијата „Тара оушн“, ова е првата мобилна истражувачка база специјално изградена за да преживее и да функционира во суровите зимски услови на Арктикот.

На станицата „Тара полар“ ќе престојува екипа од 18 луѓе, меѓу кои научници, уметници, лекари, новинари и морнари чија мисија ќе биде да собираат податоци и да спроведуваат истражувања за време на зимските месеци, од ноември до февруари, кога набљудувањето на регионот е исклучително ограничено поради екстремните услови. Станува збор за дел од светот кој се затоплува побрзо од кое било друго место на планетата.

- Практично немаме никакви информации, што е вознемирувачки, имајќи предвид колку е Арктикот чувствителен и колку брзо се менува - вели Крис Булер од фондацијата.

Фондацијата се фокусира на Арктикот бидејќи промените во тој регион имаат глобални последици. Оваа француска невладина организација сака да анализира како топењето на морскиот мраз и загадувањето влијаат врз овие единствени и чувствителни екосистеми.

Покрај тоа, истражувањата вклучуваат потрага по нови молекули, видови и биолошки процеси што би можеле да имаат практична примена, како и унапредување на знаењето за биодиверзитетот на Земјата преку проучување на речиси недостапни региони.

 

Зошто е важна „Тара полар“?

Станицата е приспособена за екстремни услови и температури што паѓаат до -50 °C.

- Луѓето што ги избираме мора да бидат психолошки стабилни. Мора да бидат силни бидејќи станува збор за крајните граници на човечката издржливост. Инспирацијата ни беше да создадеме засолниште што ќе им овозможи на научниците да останат на Арктикот во текот на целата поларна ноќ, во текот на целата зима. Планот е „Тара полар“ да стане меѓународен истражувачки центар, за кој научници од целиот свет ќе можат да се пријавуваат за користење - истакнува Булер.

Арктикот е на некој начин јасен и сигурен показател за климатските промени затоа што она што се случува во зоната на вечниот мраз често претставува најава за глобални трендови.

Во моментов се затоплува речиси четири пати побрзо од глобалниот просек. Во март 2025 година морскиот мраз достигнал најмала површина за тој месец, додека зимскиот максимум на мраз бил најнизок откако постојат мерења.

Таквите процеси можат да имаат сериозни последици, вклучувајќи значително зголемување на нивото на морето.

Извор: Euronews.rs
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука