X
 11.04.2018 Култура

Ана Јовковска: Човек што не е слободен, не живее. Тој знае само да заработува за живот или да одработува за партија

Слободата ми е на прво место во животот. Се разбира, заедно со љубовта, но тие и онака една без друга не одат. Се надополнуваат како двете хемисфери на мозокот. Се хранат една со друга


Ана Јовковска (фото: Томислав Георгиев)

- Сите човечки жаришта се резултат на недостигот на слобода, од војните и насилството, неверството и љубомората, до национализмот и предрасудите. Да тргнеме од детството, во лулката каде што се формира нашиот карактер, на пример... децата што не се слободни се фрустрирани. Возрасните што немаат слобода да бидат различни и свои, исто така се фрустрирани – вели Ана Јовковска, новинарка, промотерка... „Ехо на слободата“ е нејзината нова книга што ќе ја промовира утревечер во 20 часот во Клуб-ресторанот МКЦ во Скопје. Низ 300 страници во изданието на „Три“, Јовковска зборува на теми од антропологијата, филозофијата, психологијата, политиката...

Издавањето книга е како раѓање дете. Создаваш нешто свое, кое секогаш ќе го носи твојот печат, дури и кога ќе те нема. За неколку дена ќе излезе Вашата втора книга. Какво е чувството кога треба да се соочите со публиката?

- Ќе ми верувате ли ако ви кажам дека деновиве сум повозбудена од кога било? Во предговорот на книгата пишувам за ефектот на пеперутката, а овие денови пеперутки ми летаат во стомакот. Како кога си вљубен. Се чувствувам жива. Се чувствувам и хронично уморна, да не се лажеме, ама задоволството дека ќе оставам творечко чедо зад мене надоместува сѐ. Предавањето на книгата пред публиката (најпрво на промоцијата утревечер) по девет месеци „носење“ во стомакот е како давање дел од себе. Како соголување. Девет месеци ја пишував интензивно, но црпев од материјали кои сум ги работела изминативе десет години. Сѐ што работам, работам со љубов и страст. Верувам дека ѝ вдахнав крилја, па понатаму нека лета слободно низ интересите на публиката.

„Пулсот и времето“ беше првата, сега ја најавувате „Ехо на слободата“. Слободата и стремежот кон неа се обврска на човекот. Како овој пат Ве инспирира слободата за да ја сместите во корици и страници?

- Слободата ми е на прво место во животот. Се разбира, заедно со љубовта, но тие и онака една без друга не одат. Се надополнуваат како двете хемисфери на мозокот. Се хранат една со друга. Сите човечки жаришта се резултат на недостигот на слобода, од војните и насилството, неверството и љубомората, до национализмот и предрасудите. Да тргнеме од детството, во лулката каде што се формира нашиот карактер, на пример... децата што не се слободни се фрустрирани. Возрасните што немаат слобода да бидат различни и свои, исто така се фрустрирани. Човек кој не е слободен, не живее. Тој знае само да заработува за живот или да одработува за партија. Низ овие 300 страници на книгата „Ехо на слободата“ зборувам на теми од антропологија, филозофија, психологија, политика... и без разлика на различните приказни, секој разговор е потрага по слободата - личната, духовната или општествената, колективната, општочовечката. Тоа е заедничката нишка што се провлекува низ сите прашања и одговори, од најромантичните до најпесимистичките.

Корицата е дело на уметникот Ване Костуранов

Периoдов сте фокусирани на публицистика. Дали можеби и белетристиката Ве привлекува како автор? Има ли некое тајно жарче кое можеби ќе најави некое Ваше ново дело во иднина?

- Не би сакала да се ограничам на еден жанр. Границите што ни се наметнати од форми отсекогаш ми биле предизвик за кршење, затоа она што го пишувам си игра со повеќе жанровски одредници. Пишувам и поезија и проза, а компјутерот ми е преполн со материјали кои чекаат да бидат објавени. Она што некогаш беше тефтерот во кој ги запишував мислите кои како ненајавени гости на прсти ќе ми дојдеа во мозокот во ниедно време од ноќта, тоа сега е лаптопот. Важно е жарчето да се полева, а комплексноста на животот ми е вечна инспирација.


Ја следите ли домашната литература и кои автори Ви се најмногу при срце?

- Ја следам и ја поддржувам, иако повеќе време за читање „трошам“ на книжевноста која не е локална. Од нашите автори би ги издвоила Лидија Димковска, Владимир Мартиновски, Елизабетa Шелева, Александар Прокопиев, Оливера Ќорвезироска, Ненад Јолдевски... Сигурно има и такви што во моментов ги заборавив, а кога сум ги читала ми оставиле впечаток. Читањето е најубавата работа што човек може да ја прави сам. Го облагородува духот, ја развива фантазијата и отвора нови и неоткриени светови. Читањето е пасош за мислата! Ѝ овозможува да патува до каде што има храброст и слобода да открива. Со читањето, непознатото не ти е туѓо, а своето ти станува уште поблиско.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура