X
 11.05.2022 Наша тема

Секој што ќе се запише во дуална паралелка добива работа

Учениците запишани во дуалните паралелки во „Михајло Пупин“ имаат загарантирана работа по завршувањето на образованието, добиваат месечен надомест од 4.000 денари и плус надомест за време на феријалната пракса во летниот период, вели директорот Димитар Ѓорѓиев

Како што се приближува крајот на учебната година, стануваат актуелни уписите во средно образование. Средните стручни училишта нудат насоки кои гарантираат работа, а некои од нив нудат и сосема нови наставни профили. Факултети.мк поразговара со неколкумина директори и професори, кои ни кажаа што ново се нуди годинава за идните средношколци во средното образование.

Средното електротехничко училиште „Михајло Пупин“ ќе понуди три четиригодишни профили, и тоа: електротехничар за компјутерска техника и автоматика, електротехничар за електроника и телекомуникации и електротехничар-енергетичар (дуална паралелка) и два тригодишни профили – електричар-електромонтер на електроенергетски мрежи (ЕВН-паралелка) и електромеханичар (дуални паралелки).

- Сите ученици што ќе се запишат во дуалните паралелки имаат загарантирана работа по завршувањето на образованието, како и месечен надомест од страна на компаниите во текот на своето школување. Ние сме електротехничко училиште и во моментов овие насоки се доволни и можеби најквалитетни и најбарани на пазарот на трудот. Во сите насоки имаме сѐ повеќе нови компании каде што нашите ученици ги изучуваат вежбите и праксата, а со тоа се јавува и интерес за работа во истите компании - вели Димитар Ѓорѓиев, директор на ова училиште.



Оваа година во училиштето има четири паралелки за компјутерска техника и автоматика (по 34 ученици), електроника и телекомуникации 2 паралелки по 34 ученици, енергетика - две дуални паралелки по 25 ученици, како и тригодишните паралелки за електричар (ЕВН-паралелка) и електро-механичар - три паралелки со по 25 ученици. Во училиштето има 329 слободни места на македонски наставен јазик.

Директорот вели дека учениците запишани во дуалните паралелки имаат загарантирана работа по завршувањето на образованието, имаат месечен надомест од 4.000 денари, плус надомест за време на феријалната пракса во летниот период. Ќе работат со искусни професори во најсовремени лаборатории со нагледни средства, а ќе имаат и пракса во најголемите компании во Скопје. Секој ученик ќе добие таблет, на кој добива материјали за учење по европски стандарди во Канвас. Ќе има и размена на ученици во Словенија, Србија, Хрватска и во Босна и Херцеговина и размена на искуства со врсниците од овие земји во областа на електротехниката.

Во „Марија Кири Склодовска“ има место за 340 ученици

На минатогодишните уписи исполнивме повеќе од 90 отсто од предвидените места, а СУГС „Марија Кири-Склодовска“ беше избор на повеќе од 280 полуматуранти, кои ги препознаа можностите што им ги нудиме, вели Александар Алексовски, професор по биологија во ова средно стручно училиште.

- Сигурен сум дека се среќни со изборот. И за учебната 2022/2023 година продолжуваме со истите профили: хемиски лабораториски техничар, техничар за козметички и хемиски производи, техничар за заштита на животната средина, техничар за очна оптика, медицински лабораториско-санитарен техничар, фармацевтски техничар и болничар/негувател. За повеќе информации околу профилите и можните вработувања во иднина, полуматурантите можат да го погледнат видеото на јутјуб-профилот на училиштето. Со нетрпение ја очекуваме новата генерација - вели професорот.

„Владо Тасевски“ - ПТТ постојано вложува во нова опрема


Александар Сибиновски, директорот на средното училиште „Владо Тасевски“, информира дека во новата учебна година ќе се запишат 458 ученици во 14 паралелки. Овде има наставни планови и програми за сообраќајна струка (техничар за транспорт и шпедиција и техничар за железнички сообраќај), во електротехничка струка (електротехничар за електроника и телекомуникации и електротехничар за компјутерска техника и автоматика) и машинска струка (машинско-енергетски техничар/техничар за производно машинство и инсталатер за греење и климатизација).

- Постојано вложуваме во подобрување на нашата техничка опременост и во надградба на наставниот и стручниот кадар, а со тоа се зголемува и бројот на ученици што сакаат да се запишат во училиштето. Покрај големиот и традиционален интерес за образовниот профил транспорт и шпедиција од сообраќајната струка, очекуваме да се зголеми и интересот за образовниот профил техничар за железнички сообраќај, за која струка сме единствени во нашата држава - вели директорот.



Поради тоа што живееме во време на дигитална ера, која донесе многу позитивни и корисни промени во начинот на живеење, се јавува и потребата од стручни и квалификувани кадри.

- За таа цел во нашето училиште се отвора нов образовен профил во електротехничката струка, а тоа е електротехничар за компјутерска техника и автоматика. Ние како училиште и идните генерации треба да бидеме носители на развојот на сите општествени процеси и да имаме визија и стратегија како да ја користиме технологијата за добро, за напредок, за иновација и за подобар живот во заедницата - додава директорот Сибиновски.
Подготвил: Антонија Поповска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема