Желките го држат клучот за пронаоѓање лек против рак благодарение на нивната силна одбрана од клетки кои предизвикуваат клеточен стрес, откриваат истражувачи од универзитетите во Нотингем и Бирмингем.
До ова откритие се дошло за време на истражување насочено кон тоа кои особини го спречуваат развојот на тумори кај желките.
Иако е типично за големи и долговечни животни да имаат поголем ризик од појава на болести, желките изгледа му пркосат на тоа правило. Причината може да се крие во нивната силна клеточна одбрана која ги штити од оштетувања и го забавува метаболизмот, што пак го намалува клеточниот стрес, наведуваат научниците.
Истовремено, тие имаат уникатни гени кои ги штитат од рак, покажува истражувањето.
Научниците анализирале медицински податоци од обдукции на стотици желки, вклучувајќи и некои од зоолошката градина во Честер, Чешир, и утврдиле дека само еден отсто од нив имале рак, што е далеку помалку во споредба со цицачите или птиците. Исто така, откриле дека дури и кога би се појавиле тумори, тие речиси никогаш не се ширеле.
Некои видови желки живеат повеќе од 100 години, додека џиновските видови од Галапагос и Алдабра живеат и над 150 години.
Во април, една женка од тој вид првпат станала мајка во својата 100. година, во зоолошката градина во Филаделфија.
Истражувачите нагласиле дека најновите откритија укажуваат на тоа колку е важно да се заштитат загрозените видови.
- Истражувањето покажува дека желките се одличен модел за разбирање на отпорноста на рак и пример за здраво стареење - вели научникот Иленија Киари.
Истражувачот Скот Глаберман додава дека биодиверзитетот може да нè научи на многу нешта за тоа како функционира светот.
- Џиновските желки можеби веќе имаат решено многу од проблемите со кои се соочува човештвото, вклучувајќи ги стареењето и ракот. Затоа е двојно поважно да се заштити биодиверзитетот - заклучува тој.
Извор:
6yka.com
Фото: Freepik