Научните здруженија што ги подготвуваа талентираните ученици за светските олимпијади летово добија решенија од Министерството за образование и наука за прва финансиска помош, но одобрените средства не ги покриваат целосно нивните патни трошоци, кои се прилично високи.
Здруженијата првпат добија средства откако се изгласа системско решение во април годинава кога беа донесени измените на Законот за средно образование.
Но, во решенијата им се исплатени пари за котизација и пари за авиобилети за само два ученика и еден ментор, а тимовите се составени од најмалку четири средношколци и двајца професори ментори.
- Министерството за образование и наука исплати средства согласно расположливиот буџет и условите наведени во јавниот повик за финансирање на учеството на македонски ученици и нивните ментори на меѓународни научни олимпијади. Ова се апликации до овој момент. Конкурсот за пријавување за средства за учество на меѓународни научни олимпијади трае до крајот на октомври - ни одговорија од Министерството за образование и наука на прашањето зошто не се одобрени пари за авиобилети за сите учесници.
Четворица ученици и двајца ментори заминаа на Филипини, каде што се одржува Интернационалната олимпијада по биологија. Во решението од МОН пишува дека се исплатени 132.000 денари за котизација и уште 246.000 денари за пат. Но, билетите на тимот по биологија чинеле 490.200 денари.
Македонските ученици се вратија со еден сребрен и бронзен медал од Интернационалната олимпијада по хемија, која годинава се одржа во Дубаи, Обединети Арапски Емирати.
Од МОН нѐ информираа дека Сојузот на хемичари и технолози за учеството во Дубаи добил 159.000 денари за котизација и 93.000 денари за авиобилети. Но, авиобилетите чинеле околу 185.000 денари за цела експедиција.
Во Париз заминаа младите физичари на Интернационалната олимпијада по физика, кои преку Друштвото на физичари добија 136.000 денари за котизација и 128.000 денари за авиобилети.
Најдобрите математичари се вратија од Австралија, од Интернационалната олимпијада по математика за која преку Сојузот на математичари на Македонија добија 395.000 денари за авионски билети и патни трошоци, додека од котизација беа ослободени.
Информатичарите од 27 јули до 3 август ќе престојуваат во Боливија на Интернационалната олимпијада по информатика. За нив МОН издвои 12.400 денари за котизација и 462.000 денари за авиобилети.
Вкупната сума која МОН ја исплати за учество на пет натпреварувачки делегации во Франција, Боливија, ОАЕ, Австралија и Филипини е 1.324.000 денари за пат и 948.400 денари за котизација, односно 37.000 евра.
Разликата која ја пријавија научните друштва, професорите и родителите е голема и затоа МОН најави дека ќе најде дополнителни средства за целосен надомест на нивните трошоци.
-Информираме дека се прават напори за изнаоѓање средства за целосно надоместување на трошоците за учество на олимпијадите на наведените здруженија, а за исходот дополнително ќе бидете известени во следните денови - ни рекоа од МОН.
Според измените на Законот за средно образование, МОН, на барање на акредитираните здруженија на наставници за учество на олимпијади, може во текот на една година да ги покрие трошоците за котизација и пат на најмногу шест ученици и најмногу двајца ментори за учество на по една олимпијада, чиј број зависи од правилата на организаторите на меѓународната олимпијада.