Министерството за образование и наука на 20.3.2025 година се обрати до општините кои се основачи и согласно процесот на децентрализација надлежни за работата на основните и средните училишта за проверка на исполнетоста и почитувањето на безбедносните стандарди во училишните објекти.
- Локалните самоуправи треба да утврдат дали сите училишта на нивна територија имаат изработено Процена на загрозеност од природни непогоди и други несреќи, План за заштита и спасување во кризни ситуации потврден од Дирекцијата за заштита и спасување и Правилник за заштита од пожари и експлозии, кој исто така треба да биде одобрен од Дирекцијата за заштита и спасување - истакнуваат од МОН.
Оттаму додаваат дека недостигот на кој било документ подразбира неодложно постапување и зајакнување на сигурноста на учениците за време на престојот во училишните објекти.
- Обврската се однесува и на училиштата под надлежност на државата, односно основните училишта со ресурсни центри и државните училишта за образование и рехабилитација. Дадена е и насока за редовна проверка на функционалноста на опремата за справување со кризни ситуации и непогоди, како ПП апарати и хидрант - стои во соопштението.
Министерството за образование и наука напоменува дека од денес, во рамките на своите надлежности и Државниот просветен инспекторат ќе проверува дали училишните објекти се осигурени.