На само 18 километри од центарот на Белград, Глогоњски Рит некогаш бил симбол на напредок, социјалистички оптимизам и визијата на Тито за модерна работничка населба. Денес, оваа населба сосема малку потсетува на нејзините златни години.
Видеото што неодамна беше објавено на профилот „Мото бг борча“ прикажува возење низ Глогоњски Рит, но овие улици и фасади никој не би ги поврзал со поранешниот сјај на оваа населба особено затоа што по Втората светска војна, Глогоњски Рит се сметал за една од најубавите работнички населби во цела Југославија.
Бисер на југословенскиот урбанизам
Глогоњски Рит зазема посебно место меѓу работничките населби на поранешна Југославија и тоа не само поради својата функционалност, туку и поради политичката симболика што ја носела. Изградена непосредно по Втората светска војна, заедно со основањето на Земјоделско-индустрискиот комбинат - Белград (ПКБ) во 1945 година, Глогоњски Рит била повеќе од населба - била и симбол на обнова и дом за луѓе кои доаѓале од сите краеви на земјата во потрага по работа.
На местото на поранешната мочурлива област, работниците заедно со инженерите исушиле голема површина и ја претвориле во плодна почва. Прво живееле во бараки, а потоа биле изградени модерни станбени згради приспособени на потребите на работничките семејства.
Тито и светските лидери во Глогоњски Рит
Според кажувањата, Јосип Броз Тито многу се гордеел со оваа населба и често ја презентирал како пример за успехот на југословенскиот социјалистички систем.
За време на посетите на високи светски делегации, токму Глогоњски Рит бил една од задолжителните посети, па оваа населба ја посетиле многу светски лидери.
Од културен центар до заборав
Во најубавите години, населбата Глогоњски Рит имала сè: училиште, амбуланта, Дом на културата со претстави, концерти и кинопроекции, како и Титов парк, зеленило и уредени јавни површини.
Денес, голем дел од тие места се запуштени. Домот на културата не функционира, паркот е обраснат, а на инфраструктурата ѝ е потребно темелно реновирање. Сепак, се чини дека духот на заедништвото и понатаму живее меѓу граѓаните.
Некогашната гордост на Југославија денес е запоставена, но се планира реконструкција на улиците, уредување на зеленилото и изградба на нов мост преку Дунав.
Извор:
Nova.rs
Фото: Wikimedia Commons