X
 12.02.2020 Економија

Колку отпад произведуваат жителите на богатите земји?


Дали некогаш сте помислиле колку отпад создавате дневно? Група економисти ги разгледале податоците достапни за некои земји и откриле дека развиените земји како САД, Данска и Нов Зеланд произведуваат двојно повеќе отпад по лице од земјите во развој. Неодамнешно истражување покажува колку отпад произведуваат дел од државите, пресметано по жител. Луѓето почесто користат пакувани производи, а и купуваат повеќе.

Поголемиот дел од отпадот во земјите со средни или високи приходи се состои од неоргански материјали, особено хартија и пластика. Земјите чии жители имаат високи приходи создаваат повеќе отпад по жител, но земјите во развој се виновни за над половина од целокупното ѓубре.



Фото: Дневно производство на отпад по жител во земјите-членки на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД). Извор: IMFblog


Според графиконот, еден жител на земјите-членки на ОЕЦД во 2014 година создавал 1,4 килограм отпад дневно. Данците водат со производство на отпад од над 2 килограма дневно по жител, а следуваат Швајцарија и САД со 2 килограма и Нов Зеланд со речиси 2 килограма. Од земјите-членки на ОЕЦД, Полска, Чешка и Словачка се наоѓаат на последните места со помалку од 1 килограм отпад по жител дневно. Многу земји што произведуваат значително количество отпад се островски земји, каде што туризмот игра голема улога. Поради недостигот на земја за чување на отпадот, овие земји се соочуваат со проблеми при отстранувањето на отпадот, а зголемувањето на морското ниво како последица на климатските промени ја влошува ситуацијата.

Што може да направат владите за да го сменат однесувањето на граѓаните во однос на отпадот?

Најпозната мерка е данокот за пластични кеси. Според оваа мерка, граѓаните однапред плаќаат за отпадот што ќе го создадат. Досега 30 земји ја вовеле мерката за да го намалат отпадот.

Друг начин се даноците кои би се наплаќале при фрлањето. На овој начин граѓаните плаќаат според тежината на отпадот што ќе го создадат. Истражувањата покажале дека овие мерки може значително да го намалат количеството на отпад што го создаваат луѓето.

Како интересен пример се споменува Јужна Кореја. Создавањето отпад во земјата брзо се зголемил поради порастот на приходите и промените во консумирањето на жителите. Во 1995 година владата вовела систем со кој луѓето морале да платат за официјални канти за отстранување на отпадот, а сумата варирала во општините за да одговара на локалните трошоци за отпад.

Според системот, луѓето не плаќале за целата сума што е потребна за државата да го отстрани отпадот, но производството на ѓубре паднало од 1,3 килограм по лице во 1994 година на 0,95 килограми во 2014 година. Рециклирањето пораснало од 15,4% на 59% во истиот период. Во 2013 година била воведена и програма за одвојување на храната во отпадот. Отпадот кој вклучувал храна во депониите се намалил од 97% во 1994 година на 2% во 2014 година.

Се претпоставува дека количеството на глобален отпад ќе се зголеми двојно до 2025 година и ќе достигне 2,3 милијарди тони.

Извор: IMFblog
Фото: pixabay.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија