Ново истражување посочува дека вообичаена респираторна бактерија може да има улога во Алцхајмеровата болест.
Истражувачите од „Цедарс-Синаи“ укажуваат на изненадувачко место за барање траги за Алцхајмерова болест - окото. Во истражување објавено во списанието „Нејчр комјуникејшн“ тие изнесуваат докази дека Chlamydia pneumoniae најпозната како причинител на пневмонија и синусни инфекции, може со години да опстојува во телото и да биде поврзана со промените што се забележуваат кај Алцхајмеровата болест.
Ова отвора можност долготрајната инфекција да придонесува за воспалението што ги оштетува нервните клетки, но и укажува на нови начини на интервенција - од пристапи насочени кон намалување на воспалението до порано антибиотско лекување.
Истражувањето утврдило дека бактеријата може да се појави во мрежницата (ретината), тенкиот слој нервно ткиво на задниот дел од окото што директно ги обработува визуелните сигнали. Бидејќи ретината е дел од централниот нервен систем и може да се испитува без хируршка интервенција, таа нуди ретка можност биологијата поврзана со мозокот да се следи во реално време. Тимот открил дека кога Chlamydia pneumoniae ќе стигне до ова ткиво, настанува имунолошка активност што води кон воспаление, умирање на нервни клетки и когнитивен пад.
Поврзување на инфекцијата, воспалението и невродегенерацијата
- Постојаното откривање на оваа бактерија во човечките ткива, клеточните култури и животинските модели ни овозможи да идентификуваме претходно непрепознаена врска меѓу бактериска инфекција, воспаление и невродегенерација. Окото е замена за мозокот, а ова истражување покажува дека бактериската инфекција на ретината и хроничното воспаление можат да ја одразуваат мозочната патологија и да го предвидат статусот на болеста, поддржувајќи ја снимката на ретината како неинвазивен начин за препознавање лица со ризик од Алцхајмерова болест - вели Маја Коронио-Хамауи, професорка по неврохирургија, неврологија и биомедицински науки на „Цедарс-Синаи“.
За да ја тестираат хипотезата, истражувачите комбинирале напредна визуализација со генетски и протеински анализи, испитувајќи ретинално ткиво од 104 лица, од нормално когнитивно функционирање до благо когнитивно оштетување и Алцхајмерова болест.
Истражувачите откриле значително повисоки нивоа на Chlamydia pneumoniae и во ретината и во мозокот кај учесниците со Алцхајмерова болест во споредба со оние со нормално когнитивно функционирање, а поголемото присуство на бактеријата било поврзано со потешки мозочни промени и поголем когнитивен пад.
Се покажало дека улога има и генетиката: повисоките нивоа на бактеријата почесто се јавувале кај луѓе што ја носат варијантата на генот APOE4, познат ризик-фактор за Алцхајмерова болест.
Наоди од лабораторија и животински модели
Истражувачите ги проучувале и човечките неврони во лабораторија и лабораториски глувци со Алцхајмерова болест. Во двата случаи инфекцијата со оваа бактерија ги зголемила воспалението, умирањето на нервните клетки и когнитивниот пад, покажувајќи дека бактеријата може да ги забрза процесите на болеста. Исто така, инфекцијата поттикнала создавање на амилоид-бета, протеинот што се наталожува во мозокот на лицата со Алцхајмерова болест.
Наодите покажуваат дека насочувањето кон хроничната бактериска инфекција и воспалението што го предизвикува може да претставува нова стратегија за лекување.
Извор:
Scitechdaily.com
Фото: Freepik