X
 19.06.2023 Наука

Инвазивни бактерии можеби предизвикуваат ендометриоза, покажува истражување

Еден вид бактерија која вообичаено се наоѓа во човечката орална и цревна флора може да игра голема улога во развојот на ендометриоза, откриваат научници. Ова сознание потенцијално дава клучен увид во развојот на оваа болна состојба и отворање нови начини за нејзино лекување.

Тоа би значело нова надеж за милиони жени кои живеат со исцрпувачките ефекти на ендометриозата. Состојбата може да доведе до тешки менструални периоди, тешкотии при забременување и долги периоди на болка, а експертите не се сигурни што ја предизвикува, иако имаат неколку претпоставки.

Во новото истражување, тим на истражувачи од Универзитетот „Нагоја“ и други институции во Јапонија ги разгледале примероците од ткиво од 79 жени со ендометриоза и 76 здрави жени, откривајќи силна корелација помеѓу бактеријата од видот Fusobacterium и ендометриозата.

Ендометриозата се јавува кога клетките слични на оние во ендометриумот, слојот на ткиво што ја покрива внатрешноста на матката, почнуваат да растат во други области, како што се јајниците и јајцеводите. Токму во ендометриумот била пронајдена бактеријата.

- Кај група жени, кај 64 отсто од пациентите со ендометриоза, беше откриено дека имаат инфилтрација на Fusobacterium во ендометриумот. Нашите податоци поддржуваат механизам за патогенезата на ендометриозата преку инфекција со Fusobacterium и сугерираат дека искоренувањето на оваа бактерија може да биде пристап за лекување на ендометриозата - пишуваат истражувачите во нивниот објавен труд.

Истражувачите погледнале што точно прави оваа бактерија. Во експериментите со клеточна култура, тие откриле дека бактеријaта активира сигнален пат кој вклучува супстанца наречена TGF-β (трансформирачки фактор на раст бета) која се „буди“ и ги трансформира нормално заспаните клетки.

Понатамошните тестови на глувци покажале дека истите активни клетки, трансгелин-позитивни миофибробласти, се појавиле кај глувци кај кои била дозирана бактеријата Fusobacterium. Овие миофибробласти, вклучени во создавањето ткиво и мускули, може да предизвикаат ендометриоза.

Веќе знаеме дека овој тип на бактерии е инвазивен, а претходно беше поврзан со различни инфекции и болести. Во исто време, одредени негови видови се способни да живеат мирно во нашите тела без да предизвикаат никаква штета.

- Познато е дека видовите од родот Fusobacterium се вообичаени членови на микробиотата на оралниот и гастроинтестиналниот тракт и имаат симбиотски однос со неговите домаќини - пишуваат истражувачите.

Антибиотскиот третман на глувците за таргетирање на бактериите се покажа како ефикасен во спречување на ендометриоза и намалување на поврзаните лезии, што сугерира дека може да се развие третман, иако самите истражувачи признаваат дека прво ќе биде потребна многу повеќе работа.

Наодите од истражувањето сè уште не се сосема доволни за да се утврди причината и последицата помеѓу Fusobacterium и ендометриозата, при што истражувачите ја опишуваат состојбата како мултифакторна болест чија патогенеза тешко е да се припише на еден фактор.

Но, се чини дека постои барем некаква врска овде во која идните истражувања ќе можат да копаат подлабоко.

Се смета дека ендометриозата влијае на околу 10 отсто од жените на репродуктивна возраст. Иако постојат терапии кои можат да помогнат во управувањето со состојбата, сè уште се бара нешто што може ефикасно да влијае врз неа без поголеми несакани ефекти.

- Опциите за третман на ендометриоза моментално се засноваат на хормонска терапија, како што е долгорочната супресија на овулацијата. Сепак, создавањето релативно хипоестрогена средина може да доведе до негативни ефекти, а жените не можат да забременат за време на третманот. Хируршкиот третман е генерално неопходен доколку пациентката има постојана карлична болка. Сепак, високата стапка на повторување е проблем по хируршкото отстранување на ендометриотските лезии - пишуваат истражувачите.

Извор: Science Alert
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука