X
 12.03.2023 Живот

Запознајте ги членовите на групата „Занаду“, кои ги остваруваат своите „Соништа“

Факултети.мк ги поддржува и промовира младите талентирани и креативни луѓе и со објава на содржина посветена на нивните активности. Да им помогнеме да го добијат заслуженото место во земјава и во светот. Ги охрабруваме сите млади таленти да се обратат во нашата редакција за да можеме да го покажеме нивниот труд пред пошироката јавност.

Карло Јованоски, Марко Атанасов, Иван Богдановски и Андреј Крстевски се членови на музичката група „Занаду“. Станува збор за момци кои се вљубени во музиката и тоа го претставуваат на различни начини, преку различни жанрови на музиката која ја креираат.

- Базирани сме во Скопје, од каде што потекнуваат и повеќето од членовите во групата. Сите сме генерација 2003 г. и сега сме прва година на студии. Студираме на различни факултети, Карло - стоматологија, Иван - општа медицина, Андреј – музички факултет и Марко – ФИНКИ. Не сме фокусирани кон одреден жанр и сме доста шаренолики. Искрено се трудиме да избегаме од комфор-зоната бидејќи надвор се поинтересните работи.

Имаат еден албум со наслов „Соништа“

Дискографијата на групата се состои од еден албум со 9 песни, со главната песна која го носи насловот „Зборувај, замижи, побегни“.

- Пред една година го пуштивме во етер нашиот прв сингл „Навика“, а во декември минатата година излезе и нашиот прв албум составен од 9 песни именуван „Соништа“, предводен од истоимениот сингл и „Зборувај, замижи, побегни“. Среќни сме кога правиме музика и сѐ додека е така, веруваме дека нема многу работи да се сменат, освен, секако, нашата дискографија.

Фото:Никола Јовановиќ

Младите музичари досега ја имаат претставено својата музика на неколку настапи и фестивали како „Д Фест“, „Земјотрес“, „Кикфлип“, „Нови Простори“, „3 дена Култура“ и така натаму.

На прашањето кој е нивниот мотив и кон што се стремат, тие одговорија:

- Се стремиме да бидеме свои и да бидеме искрени во она што го кажуваме, да бидеме доволно гласни и доволно јасни за она за што зборуваме. Ја сакаме музиката и тоа е доволен поттик за да се земе инструмент в раце, а свесната или несвесна желба да се креира е импулс за создавање нешто ново.

 
Фото:Никола Јовановиќ

Македонската музичка сцена е тешка за пробивање, како што велат многумина од новите таленти кои го бараат своето место под „музичкото небо“. Честопати новите артисти се бунат дека не добиваат доволно внимание од медиумите, дека немаат каде да ја пласираат својата музика и слично. Но, оваа група смета дека младите таленти треба да покажат повеќе искреност, да ја покажат својата вистинска желба за работа со музика, да се истрајни и да го поминат овој процес со многу љубов.

- Денес е многу лесно да се биде дел од сцената, секој може да сними песна, секој може да објавува музика, дури и тргајќи го настрана талентот, кој е помалку битен. Помеѓу преполноста и генерализираното сивило потешко е да се одвои нешто што вреди и кое е вистинско, последователно, сцената не е во можност да биде некоја голема помош, но, сепак, веруваме во напредок.

Во прилог, можете да го погледнете инстаграм-профилот на Занаду и да ги слушнете нивните песни:

Занаду - Зборувај, замижи, побегни

Занаду - Соништа 

Подготвил: Јована Трајковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот