X
 01.04.2021 Култура

Младите таленти од бендот „2Be“ сѐ повеќе освојуваат со уникатноста и амбициозноста. Ја обработија и „Ој, девојче, девојче“

Факултети.мк ги поддржува и промовира младите талентирани и креативни луѓе и со објава на содржина посветена на нивните активности. Да им помогнеме да го добијат заслуженото место во земјава и во светот. Ги охрабруваме сите млади таленти да се обратат во нашата редакција за да можеме да го покажеме нивниот труд пред пошироката јавност.

Скопскиот бенд „2Be“ е составен од тројца членови - Тино (22), Љупче (26) и Синиша (21). Тие свират и компонираат популарна забавна музика, а деновиве се многу популарни по обработката на песната „Ој, девојче, девојче“ заедно со Глоридие Тузолана од Франција.



„2Be“ досега има издадено три песни, од кои две се комплетно нивно авторско дело, од музика, текст, аранжман, продукција итн., додека една е во соработка со Ѓорѓи Крстевски.

  -Како едни од позначајните настапи за нас, би ги издвоиле настапот на „Пиво фест“ во Прилеп како бенд на Александра Јанева и гости на концертот на Александра на фестивалот „Струмица опен фест“ пред две години. Исто така, би сакале да ја споменеме и соработката со Ѓорѓи Крстевски за нашата прва песна - велат членовите на бендот.



Тие имаат направено многу преработки на забавна музика, но овој пат се одлучија за малку поинаков стил и направија преработка на „Ој девојче, девојче“ со малку поинаков аранжман.

- За Глоди, ова е првпат да пее на македонски јазик и навистина му е чест и задоволство, тој од првото слушање ја запомни мелодијата и ја снимивме во рок од половина час - велат од бендот.



Најголем мотив за овој надежен бенд се луѓето што ја слушаат нивната музика и тие се стремат кон создавање многу повеќе авторски дела, а целта им е нивната музика да допре до што повеќе луѓе.

- Сметаме дека може и треба да се нудат многу повеќе можности каде што ќе се промовираат македонската музика и музички таленти, односно да има повеќе музички емисии, повеќе фестивали и други настани каде што ќе се промовираат млади уметници - велат овие млади таленти.



Според нив, на младите таленти во Македонија за пробивање на сцената најмногу би им помогнало ако се оригинални, различни и креативни, но и да бидат поддржани од многу повеќе медиуми и музички емисии.

„2Be“ најавија дека ова е само почеток и дека ќе следуваат уште многу преработки и, секако, уште многу нивна авторска музика.



Фотографии: Приватна архива
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура