X
 20.09.2022 Живот

Слушнете ја првата песна на новиот бенд „Red18“

Факултети.мк ги поддржува и промовира младите талентирани и креативни луѓе и со објава на содржина посветена на нивните активности. Да им помогнеме да го добијат заслуженото место во земјава и во светот. Ги охрабруваме сите млади таленти да се обратат во нашата редакција за да можеме да го покажеме нивниот труд пред пошироката јавност.

„Red18“ е нов скопски авторски музички бенд. Бендот нема музички ограничувања во однос на жанровите, па едноставно создава музика која би им се допаднала на слушателите.

- Ние сме „Red18“ - нов авторски бенд од Скопје. Целта ни е да не се ограничуваме жанровски, едноставно да правиме музика што би им се допаѓала на луѓето што нè слушаат. Членови на бендот се: вокал - Елена Манева; гитара - Јован Чифлигароски (Live Wire); гитара - Марко Тошанов; тапани - Иван Димишков и бас-гитара - Александар Коцевски.

Првиот сингл што го објавија е „Kingdom of Lies“, кој е најава за нивниот деби-албум „Red18's Grit“.

- Само што ја издадовме нашата прва авторска песна „Kingdom of Lies“, која е втора по ред на нашиот деби-албум „Red18's Grit“, кој ќе биде објавен на 18 ноември. Дотогаш ќе издадеме уште две песни со спотови, кои се надеваме дека ќе ви се допаднат. Инаку, „Kingdom of Lies“ е достапна на сите музички платформи, а исто така има и свое анимирано видео на „Јутјуб“.

(фото: tongue photography)

Првпат настапиле како трибјут-бенд на „Paramore“ на фестивалот „Underfest Festival“ во Јавна соба.

- Почнавме како трибјут-бенд на добро познатиот бенд „Paramore“. Прв и единствен настап досега ни беше „Paramore Tribute" на „Underfest Festival" во „Јавана соба“. Навистина извонреден фестивал, нашиот сет помина предобро. Голема благодарност до „Underfest". Оттогаш не сме имале никакво шоу и нема да имаме додека не излезе целиот албум, а потоа ќе почнеме со многу интересни концерти.



На прашањето кое е мотото на бендот, одговорија:

- Нашето мото е: - Red18 е најдобриот изговор за сè уште да ја користите фразата „Не е само фаза, мамо!“ Инаку, се стремиме да направиме промени на македонската сцена и да ја разбиеме монотонијата што владее во неа.

(Корица од албумот - илустрација - Ива Ѓорѓиевска )

Исто така, споделија дека не добиваат доволно поддршка од медиумите за промоција, ниту пак од спонзори или продукциски куќи, велејќи дека македонските бендови имаат сѐ освен финансии за нови артисти и музика.

- Огромен дел од организаторите дефинитивно не се спремни да слушнат нешто ново и секогаш ги „туркаат“ истите артисти и бендови што се преслушани милион пати наместо да го освежат секој фестивал со нова музика од млади талентирани луѓе од македонски бендови, кои навистина ги има,  и да им го дадат задоволството да настапат во добар термин, не во 18:00. Телевизија и радио едвај наоѓаат материјал за 30-минутна програма, а сепак не се согласуваат да испромовираат ништо освен политика, лоши и смешни скандали и вести од светот. Нормално, има и понекоја песна, ама се знае дека тоа се песни од нашите соседи.

Фото: приватна архива
Подготвил: Јована Трајковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот