X
 03.12.2020 Забава

Бендот „Реприза“ со новата песна „Иста слика“ покажува дека ништо не може да ја запре креативноста

Факултети.мк ги поддржува и промовира младите талентирани и креативни луѓе и со објава на содржина посветена на нивните активности. Да им помогнеме да го добијат заслуженото место во земјава и во светот. Ги охрабруваме сите млади таленти да се обратат во нашата редакција за да можеме да го покажеме нивниот труд пред пошироката јавност

„Реприза“ е името на бендот на младите музичари Христијан Трајчевски, Борче Димовски и Мартин Димитриевски од Ресен. Тие на македонската сцена дебитираа во август годинава со првата авторска песна „Засукај ракави“ и оваа бурна 2020 година не само што не им била пречка да започнат нешто ново, туку и не им ја згаснала креативноста. Велат дека не сакаат луѓето да ги сожалуваат дека се оштетени во ова време, туку сакаат тие да ги охрабрат другите да почнат да копаат длабоко во себе и да го прават она во што се најдобри. Така, бендот „Реприза“ денес ја промовира новата песна со наслов „Иста слика“, за која велат дека е рок-сингл со мистичен карактер и во кој се пее за една слика.




- Покрај сите ограничувања, лишувања од многу задоволства што претходно ги имавме, како големите дружби, свирки итн., нашата креативност не згасна. Напротив, многу повеќе музика и текстови се напишаа во ова пандемично „секојдневие“. Се согласуваме дека средбите беа многу ретки. Ретки, но продуктивни. Создадовме еден интересен, необичен рок-сингл со мистичен карактер во кој се пее за една слика. Покрај нас тројца, во оваа песна пее и 17-годишната Ангела Трајчевска, наша најдобра пријателка - велат од „Реприза“.



Ги запрашавме и која е приказната зад песната, а одговорот е прилично интересен.

- Сите сме се нашле во ситуација кога доаѓаме во судир помеѓу своето и туѓото, ситуација каде што туѓото не се менува и нè става во безнадежна, безизлезна емоционална состојба. Ситуација каде што нашето не останува така длабоко врежано таму каде што сме го оставиле. Оваа ситуација е дел од процесот на создавањето и созревањето на нашата личност. Но, „Иста слика“, различни приказни. Нашата приказна доловува лик кој се запрашува како да се доближи до сликата (туѓото), односно како се оддалечил од неа. Тој зборува, но со никој друг освен со самиот себе. Тој е слушан, но од никој друг освен од самиот себе. Убеден дека не може да направи ништо друго, освен да си потврди дека нештата не се менуваат, не може да ги напушти тие мисли. Во целата безнадежна ситуација неговите внатрешни гласови му посочуваат дека би можело да се живее и без она што го посакуваме. Животот не би му бил ист, но става крај на мислите кои не му излегувале од глава долго време и ослободува место за нов почеток, нова авантура. „Иста слика“ е прогресивна песна, модерен рок, во која главни елементи се живиот рок-инструментариум и текстот кој е поткрепен со музика која соодветствува на неговиот тек - објаснуваат од бендот.



Тие многу им се заблагодаруваат на луѓето што учествувале во проектот: Хари Михлајловски, актерот во спотот; Александра Илкова, сликарот на главната слика; студиото „Подрумот“ – Ангел Ќосев за аудиозаписот и Пеце Здравковски за спотот на песната.

- Сè додека вие слушате, ние ќе создаваме. Нашата цел е да се создава колку што е можно повеќе македонска квалитетна музика - велат овие млади надежни музичари.



Фотографии: Пеце Здравковски - „Pinestel“
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Забава