Најновите податоци на „Евростат“ открија длабок јаз во работните навики на Европејците: жителите на одредени земји работат и до десет часа неделно повеќе од другите.
Луѓето во Европската Унија во просек работат 35,9 часа неделно, покажуваат најновите податоци за реално одработените часови објавени од Статистичкиот завод на ЕУ. Овој податок ги опфаќа вработените со полно и со неполно работно време на возраст од 20 до 64 години на нивната главна работа.
Меѓутоа, кога ќе се погледнат бројките за поединечни земји, географската и економската поделба на континентот е повеќе од очигледна.
Балканските земји бележат најдолго работно време
Во рамките на ЕУ, стварното неделно работно време се движи од 31,9 часа во Холандија до 39,6 часа во Грција. Кога ќе се вклучат земјите кандидати за членство во ЕУ и членките на ЕФТА, најлоша е ситуацијата во Турција, каде што просечната работна недела трае 42,4 часа, а веднаш зад неа се Босна и Херцеговина (40,9 часа) и Србија (40,6 часа).
Тоа се единствените земји во кои просечното работно време надминува 40 часа неделно, што одговара на работа подолга од осум часа дневно во текот на петдневна работна недела. По нив следуваат Грција (39,6 часа), Македонија (39,5 часа) и Бугарија (38,7 часа).
Фото: Eurostat
- Во ниту една земја работниците, всушност, не избираат колку часови ќе работат. Тие работат вообичаен број часови, на кои во голема мера влијаат работодавците. Пониската продуктивност може да ги објасни подолгите работни часови во наведените земји, како и недостигот на преговарачка моќ на работниците - вели професорот Дејвид Спенсер од Универзитетот во Лидс.
Хорхе Кабрита, висок истражувачки менаџер во „Еврофунд“, смета дека разликите во системите за регулирање на работното време исто така можат да објаснат зошто некои земји бележат подолги работни недели од другите.
Најкратка работна недела има во Холандија
Холандија се издвојува како земја со најкратка просечна работна недела во Европа - само 31,9 часа неделно.
Кабрита истакнува дека работниците со неполно работно време сочинуваат речиси 43 отсто од вкупната вработеност во Холандија, што е значително повеќе отколку во која било друга членка на ЕУ. Исто така, земјата има една од најкратките просечни работни недели дефинирани со колективни договори.
- Холандија се насочи кон поголемо учество на работата со неполно работно време, што придонесе за намалување на просечната работна недела. Сепак, работната недела на вработените со полно работно време и понатаму е близу 40 часа - рече Спенсер.
По Холандија следуваат Германија, Норвешка и Данска со по 33,9 часа, а просечно работно време под 35 часа неделно се бележи и во Австрија (34,0), Белгија (34,3) и Финска (34,7).
Зошто работното време толку многу се разликува?
Генерално, земјите од Северна и Западна Европа имаат пократки работни недели од државите во Источна и Централна Европа, а Кабрита наведува дека клучни фактори се: начинот на регулирање на работното време, структурата на вработеноста и пошироката економска структура на земјата.
Според Кабрита, земјите во кои синдикатите и колективните договори имаат поголема улога во одредувањето на границите на работното време главно имаат пократко реално работно време. Тој додава дека посилното колективно преговарање е поврзано и со помал број прекувремени часови, како и со поголемо почитување на работните прописи.
Голема улога игра и структурата на вработеноста, односно распределбата на работниците по занимања, сектори, статус на вработување и видови договори. Колку е поголем уделот на вработените со неполно работно време, толку е пократко просечното работно време.
Самостојно вработените работници, кои главно имаат поголема слобода во организацијата на своето време, обично работат подолго од вработените, особено ако вработуваат други луѓе. Важна е и структурата на економијата. Уделот на одредени сектори во економијата може значително да влијае врз просечното работно време, бидејќи некои индустрии бараат подолги работни часови од другите.
Работното време значително се разликува и по сектори
Инаку, покрај националните разлики, „Евростат“ покажува дека работното време драстично варира и по сектори. Најдолга работна недела во Европската Унија имаат квалификуваните работници во земјоделството, шумарството и рибарството, кои во просек работат 42 часа неделно. По нив следуваат менаџерите со 40,6 часа, па припадниците на вооружените сили со 39,4 часа.
На другиот крај на скалата се наоѓаат работниците на едноставни работи - 31,8 часа, административните службеници - 34 часа и работниците во услужните дејности и продажбата - 34,5 часа.
Извор:
Euronews.com
Фото: Eurostat/Euronews