X
 12.08.2025 Живот

Проект од милијарда долари - во Европа се гради градот на иднината од дрво

Во предградие на Стокхолм се создава градот на иднината, но не од челик и бетон, туку од дрво. Шведската компанија „Атриум љунгберг“ вложува 1,25 милијарди долари за изградба на најголемиот проект за дрвена градба во светот.

Шведска ја гради новата еколошка населба наречена „Сикла“, користејќи го дрвото како главен градежен материјал. Дрвените згради придонесуваат за намалување на емисиите на стакленички гасови во градежниот сектор.

Новата градска населба „Сикла“, која се наоѓа јужно од центарот на шведската престолнина, се гради со примена на вкрстено ламинирано дрво и ќе се простира на површина од 250.000 квадратни метри. Дрвото се користи во сите делови од конструкцијата, од подови и ѕидови до носечки елементи.

Од индустриска зона до симбол на одржливоста

Поранешната индустриска зона „Сикла“, позната по производство на дизел-мотори, сега се трансформира во современа населба со дрвени станбени згради, канцеларии, училишта и продавници. Постарите објекти нема да се уриваат, некои се веќе пренаменети во библиотеки и кина, а новите згради ќе се вклопат во постојната урбана структура.

 
Хокан Хиленгрен, шеф во компанијата, вели дека проектот има јасна цел: да покаже како изгледа одржлива урбана иднина. Тој посочува дека градежниот сектор учествува со дури 37 отсто во глобалните емисии на стакленички гасови, што го прави клучна индустрија за климатски промени.

Дрво наместо бетон: помалку емисии, повеќе шуми

Многу истражувања потврдуваат дека дрвената градба носи многубројни придобивки. Според американско истражување од 2024 година, дрвените згради создаваат 81 отсто помалку емисии од стакленички гасови споредено со бетонските и 76 отсто помалку од челичните конструкции.

Шведска не е случајно лидер во оваа транзиција - дури 70 отсто од нејзината територија е покриена со шуми, а дрвото со децении се користи во градежништвото. Архитектот Оскар Норелијус од студиото „Вајт аркитектер“, кој работи на проектот, нагласува дека Швеѓаните имаат длабока културна врска со шумите.

- Тоа е наш простор на мир, енергија и идеи, но и фундаментална економска суровина - вели тој.

Дрвени облакодери и флексибилни простори

Норелијус веќе има искуство со големи дрвени конструкции - тој е автор на „Сара културхус“, облакодер со 28 ката во Северна Шведска, кој вклучува галерии, музеј, библиотека и хотел со 200 соби. Овој објект ја промени перцепцијата за дрвото во индустријата и сè повеќе се гледа како инспирација во архитектурата, а не како ограничување.

Во новата населба „Сикла“ првиот блок со 80 стана под името „Дистрикт 7“ ќе биде завршен до крајот на 2025 година. Планот е до 2027 година да се изградат околу 2.000 дополнителни станови. Зградите ќе бидат флексибилно дизајнирани, а становите, по потреба, ќе можат да се пренаменат во канцеларии, обезбедувајќи им така „втор живот“.

 
Покрај функционалните и еколошките предности, дрвото предизвикува и емотивна поврзаност. Посетителите на „Сара културхус“ ги гушкале дрвените столбови, а архитектите очекуваат слични реакции и во „Сикла“. Видливите дрвени конструкции, вклучително и инсталации како вентилација и цевки, му даваат на просторот чувство на топлина и отвореност.


Извор: b92.net
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот