Магистрантката Ирена Богдановска од студиската програма Нутриционизам на Технолошко-техничкиот факултет – Велес, единица на УКЛО, беше меѓу учесниците на престижните меѓународни настани COLOURS CoLab и Food Hack 2025, организирани од Универзитетот Кристијанштад, Шведска, во рамките на европската универзитетска Алијанса КОЛОРС.
Настаните беа посветени на темата: „Како преку соработка можеме да влијаеме врз изборите за здрав начин на живот и одржливи навики во исхраната“. Преку предавања, дискусии и тимска работа, учесниците имаа можност да развијат идеи за подобрување на навиките во исхраната и во потрошувачката.
Food Hack 2025 беше тридневен хакатон на кој, во меѓународни тимови, се креираа иновативни решенија за здрави и одржливи избори. Работата со ментори, академски претставници и претставници од индустријата им овозможи на учесниците да стекнат нови искуства и вештини во тимска соработка, креативност и презентирање идеи.
Ирена Богдановска со големо задоволство ги споделува искуствата од настанот, нагласувајќи дека работата со колеги од сите членки на Алијансата КОЛОРС овозможува размена на идеи, дискусии и креирање решенија за здрав и одржлив живот. Таквите искуства инспирираат и мотивираат да продолжиме да учиме, да соработуваме и да создаваме нови можности. Учеството на COLOURS CoLab и Food Hack 2025 во Шведска ѝ овозможи да работи во динамична мултикултурна средина, да учи од експерти и колеги и активно да придонесува кон иновативни решенија за здрави и одржливи навики во исхраната, додека интензивната тимска работа и менторската поддршка ѝ донесоа значајни практични искуства и знаења за понатамошниот професионален развој. Освен тоа, претходно има учествувано и на друг меѓународен настан во рамките на Алијансата КОЛОРС – летната школа COLORS BIP Summer School во Осиек, која ѝ овозможи увид во одржливи и урбани практики во производството на храна и ја инспирира да продолжи да се развива.
Деканката на факултетот, проф. д-р Везирка Јанкулоска, истакнува дека ваквите меѓународни искуства на студентите се силна потврда за значењето на Европската алијанса КОЛОРС и Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, особено корисни за нивниот професионален и личен развој, меѓународна соработка и креативна работа во тим.
Престижните настани, одржани од 21 до 23 октомври 2025 година, овозможија значајна промоција на Факултетот и на Технолошко-техничкиот факултет – Велес. Упатени се честитки до Ирена Богдановска за нејзиното активно учество и придонес, како и благодарност за инспирацијата што ја споделува во рамките на Факултетот, УКЛО како членка на Алијансата КОЛОРС и, пред сè, меѓу студентите.
Инаку, овој вид активности ја истакнуваат истовремено и суштинската актуелност - креирање иновативни решенија за здрав и одржлив живот, што претставува глобален приоритет во контекст на климатските промени, безбедноста на храната и урбаното планирање. Размената на знаења, интердисциплинарната соработка и практичната работа во меѓународни мултикултурни средини – како што е овозможено преку иницијативите на Алијансата КОЛОРС – директно придонесуваат за развој на одржливи и урбани практики во производството на храна и промовирање здрави навики во исхраната, кои се клучни за долгорочен и одржлив развој на глобално ниво.
(Комерцијална објава)