X
 23.01.2024 Образование

Ги запознаваме најдобрите студенти на УКЛО: Теодора Силјаноска од Факултетот за информатички и комуникациски технологии - Битола

Во новиот серијал на УКЛО ги запознаваме најдобрите студенти. Серијалот го продолжуваме со Теодора Силјаноска од Факултетот за информатички и комуникациски технологии - Битола

Зошто одбра да студираш на УКЛО? Зошто е добро да се студира дома?

- Мојот избор да студирам на УКЛО, универзитет со подолга традиција во нашата земја, беше направен затоа што сметав дека ќе ги исполни моите очекувања во поглед на образованието што ќе го стекнам, но и поради неговата препознатливост во подготовката на високостручни кадри кои ќе умеат да се соочат со предизвиците што во иднина ќе им ги постави професионалниот развој.

Да се студира дома, во сопствената земја, значи да се инвестира во стекнување квалитетно знаење кое ќе продуцира кадри што ќе бидат двигатели на промени и развој на општеството.

Што значи за тебе наградата најдобар студент?


- Наградата најдобар студент за мене претставува синоним за мојата љубов и посветеност кон науката и професијата што ја избрав, но истовремено и инспирација и поттик за нови успеси во академската и професионалната кариера.

1

Ги исполни ли УКЛО твоите очекувања? Кои моменти од студентските денови ќе останат во твоите сеќавања?

- Студирањето на УКЛО, поточно студирањето на Факултетот за информатички и комуникациски технологии, за мене беше период исполнет со голем ентузијазам и квалитет на знаења кои професорите ми ги пренесоа, како од аспект на теоријата така и од аспект на практичните знаења, кои веднаш по моето дипломирање имав можност да ги применам во компанијата „Криејтивлебс“ каде што сум вработена како бекенд девелопер, но и да ги споделам со сегашните студенти преку ангажманот како демонстратор, па затоа можам со гордост да кажам дека ФИКТ е еден од најдобрите факултети по информатика во земјава, кој образова лидери во ИТ-индустријата.

Студирањето таму и постигнатиот висок просек ми дадоа можност во 2021 година да бидам дел од Интернационалната студиска програма за талентирани студенти од областа на ИКТ "Seeds for The Future", организирана од страна на глобалната компанија Huawei, во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација и ова за мене беше искуство што секогаш ќе го паметам.

Каде се гледаш по пет години?

- Моите очекувања се да станам успешен професионалец во ИТ-секторот, способна да се носам со сите аспекти на прогресивната технологија. Патот кон успехот никогаш не е лесен, но јас го прифаќам предизвикот! Велат дека сами одлучуваме за својата иднина, а јас сум горда на својот избор!

Твојата порака до сегашните и идните студенти на УКЛО?


- Познатиот Нелсон Мандела рекол: „Образованието е најмоќното оружје што можете да го употребите за да го промените светот!“, затоа секогаш бидете жедни за нови знаења, сакајте ја својата професија и стремете се да бидете најдобри во неа!

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование