X
 13.01.2024 Наука

Модел со вештачка интелигенција покажува дека отпечатоците на прстите не се уникатни

Се верува дека секој има уникатен отпечаток на прст, но тоа сега е оспорено во истражување на Универзитетот „Колумбија“.

Истражувачите создале модел со вештачка интелигенција за анализа на 60.000 отпечатоци на прсти за да утврди кои од нив ѝ припаѓаат на истата личност. Според истражувачите, технологијата може да открие дали отпечатоците се од иста личност со точност од 75 до 90 отсто. Меѓутоа, тие не се сигурни како функционира тоа.

- Не знаеме со сигурност како вештачката интелигенција го прави тоа - признава професорот Ход Липсон, кој го надгледувал истражувањето.

Истражувачите мислат дека моделот ги анализира отпечатоците различно од традиционалните методи кои ги користат форензичарите и се фокусира на средината на прстот, а не на завршетоците.

Липсон додал дека тој и Гејб Гуо, студент кој се сетил на идејата, биле изненадени од резултатите. Имено, моделот покажал дека сите луѓе немаат уникатни отпечатоци на прсти.

Ова не е новост за некои експерти. Греам Вилијамс, професор по форензичка наука на Универзитетот „Хал“, вели дека идејата за единствен отпечаток на прст никогаш не била запишана на камен.

- Впрочем, не знаеме дали отпечатоците на прсти се единствени. Сѐ што може да кажеме е дека, колку што ни е познато, две лица сѐ уште не покажале исти отпечатоци на прсти - вели Вилијамс.

Резултатите од истражувањето би можеле да влијаат врз биометриката - употребата на специфичен прст за отклучување уред или обезбедување идентификација - и форензиката. Сепак, истражувачите посочуваат дека се потребни дополнителни истражувања за да се потврдат нивните заклучоци.

Извор: Geek
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука