X
 14.10.2025 Наука

Вештачката интелигенција откри необичен детаљ скриен во познато ремек-дело на Рафаело

Вештачката интелигенција може да открие детали на слики што човечкото око ги пропушта. Во 2023 година вештачката интелигенција идентификува необичен детаљ на лицето на Св. Јосиф, сместено во горниот лев агол на сликата позната како „Мадона со роза“.

Истражувачите одамна дебатираат дали целата слика навистина е оригинално дело на Рафаело. Иако за донесување конечен заклучок за потеклото на уметничкото дело е потребен широк спектар на докази, новата метода на анализа базирана на алгоритам на вештачка интелигенција ја потврдила теоријата дека барем некои потези на четката се дело на друг уметник.

Истражувачите од Велика Британија и САД развиле алгоритам кој ги споредува стилските детали на познатите дела на Рафаело - од потезите на четката, палетата на бои, сенките и други карактеристики. Вештачката интелигенцiја, со помош на модифициран „Реснет50“ модел и техника наречена „Сапорт вектор машин“ покажала 98 отсто точност во препознавање на сликите нацртани од Рафаел.

1
Фото: Museo Nacional del Prado

Се претпоставува дека за лицето на Св. Јосиф можеби бил одговорен Џулио Романо, ученик на Рафаело, но тоа не е сигурно. Ова е уште еден пример како модерната технологија и вештачката интелигенција ги откриваат тајните на класичните уметнички дела.

Сликата „Мадона со роза“ била создадена помеѓу 1518 и 1520 година, а критичарите уште во 19 век се сомневале дека Рафаело можеби не го насликал целото дело. Денес, тие сомнежи се речиси целосно потврдени, додека истражувачите истакнуваат дека вештачката интелигенција не ја заменува улогата на експертите, туку служи како алатка за поткрепа на процесот на потврдување на оригиналноста.

- Ова не е случај каде што вештачката интелигенција им ја зема работата на луѓето. Потврдувањето на оригиналноста на уметничко дело вклучува многу аспекти - од потекло и пигменти до состојбата на делото. Овој софтвер е само алатка која може да помогне во процесот - вели Хасан Угаил од Универзитет во Бредфорд, Велика Британија.

Истражувањето е објавено во списанието „Херитиџ сајнс“.

Извор: Science Alert
Фото: Museo Nacional del Prado
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука