Ако сакате да живеете што подолго, постојат многу начини и стратегии што можете да ги пробате. Се препорачува редовна физичка активност, здрава исхрана богата со овошје, зеленчук и јаткасти плодови, доволно сон и активен социјален живот. Но, освен овие познати совети, се појавуваат и нови фактори што влијаат врз долговечноста, како што е местото на живеење.
Покрај сите досегашни препораки од стручњаци и истражувачи, неодамнешни истражувања додаваат уште една - животот во близина на море или океан може да го продолжи животниот век.
Истражувачи од Државниот универзитет во Охајо обработиле податоци од 66.263 лица анализирајќи ја врската меѓу нивното место на живеење (дали е во близина на водна површина) и должината на животот.
Досегашните истражувања се фокусирале на влијанието на т.н. „сини површини“ врз здравјето на луѓето. Податоците покажуваат дека животот во близина на морскиот брег е поврзан со подолг животен век. Но, изненадувачки е што животот во урбани средини во внатрешноста на континентот, кои не се покрај море или океан, но се блиску до реки и езера, дава малку поинакви резултати.
- Се очекуваше дека жителите во крајбрежните области живеат приближно една година подолго од просекот, кој изнесува 79 години, додека оние што живеат во урбани области блиску до внатрешни реки и езера просечно живеат околу 78 години - истакнува Џанјонг Ву од Државниот универзитет во Охајо.
Многу фактори влијаат врз должината на животот, а ова истражување не докажува директна причинско-последична врска, туку укажува на значајна поврзаност меѓу подолгиот живот и живеењето во близина на море или океан.
Животот покрај вода во рурална средина го продолжува животниот век
Истражувачите наведуваат дека крајбрежните области имаат помал број екстремно топли или ладни денови, подобар квалитет на воздухот и повеќе можности за рекреација во споредба со урбаните средини во внатрешноста. Исто така, недвижностите покрај море се поскапи, па тука важна улога игра и социо-економскиот статус.
Кога станува збор за живот покрај водни површини во внатрешноста на континентот, истражувачкиот тим прави разлика меѓу рурални и урбани области. Животот покрај вода во рурална средина го продолжува животниот век, но не во иста мера како животот покрај море.
- Загадувањето, сиромаштијата, недостигот на физичка активност и зголемениот ризик од поплави веројатно се главните причини за овие разлики - вели еколошкиот географ Џани Цао од Државниот универзитет во Охајо.
Природата позитивно влијае врз здравјето на начини кои можат да го продолжат животниот век, но тоа е само дел од поголемата слика што ја сочинуваат многу различни фактори.
- Мислевме дека кој било вид „сина површина“ може да понуди одредени здравствени придобивки, но бевме изненадени кога откривме толку јасна и значајна разлика меѓу оние што живеат блиску до крајбрежните води и оние што се покрај внатрешни води - заклучува Џанјонг Ву од Државниот универзитет во Охајо.
Извор:
Rts.rs
Фото: Freepik