Првата маска ја изработил во 1991 година, на тема „Дива бишка“. Маската била направена од животинска кожа и украсена со ѕвонци. Неговиот препознатлив стил се темели на употреба на природни материјали. Најголемиот дел од маските се рачно изработени од рогови, кожи, пердуви, мов, папрат, гранки и други природни растенија од нашето опкружување
Цветко Багашовски веќе 35 години е значајна фигура и неразделив дел од Струмичкиот карневал. Важи за еден од првите основачи и креатори на струмичките карневалски маски. Неговите почетоци се со поединечни маски, кои ги изработува и денес, но во последно време учествува и во мали групни маски. Изработувањето маски не му е само хоби, туку начин на живот. И, секако, не е сам во љубовта кон изработувањето карневалски маски и одржувањето на традицијата, туку целото семејство е вклучено во процесот на подготвување маски за Струмичкиот карневал.
- Целото семејство е вклучено, дури и најмалите активно се вклучени во изработката и носењето на маските. Секој помага – некој со идеи, некој со работа околу маските - ни споделува Цветко Багашовски.
Тие се добитници на повеќе награди во разни категории и остануваат активни до ден-денес. Што подготвуваат за годинава, ќе биде пријатно изненадување за љубителите на Струмичкиот карневал, кој ќе се одржи од 18 до 15 февруари.
Во чест на неговиот јубилеј - 35 години активно учество на карневалот, на отворањето на карневалската недела, на 18 февруари, во Градската галерија во Струмица ќе биде поставена изложба со фотографии од досегашните маски на Цветко Багашовски и маски сочувани и нереставрирани, стари дури 20-25 години.
Сѐ почна од Ратевски бамбурци
Цветко порано создавал и големи групни маски за 20-30 учесници, заедно со алегориско возило, под покровителство на некогашната фабрика „АД Македонија Сан-Керам“, каде што работел.
Во периодот кога карневалот почнува да ги следи трендовите на познатите светски карневали и добива помодерен израз, Багашовски започнува да комбинира современи теми, но притоа останува уникатен во изработката и доследен на својот автентичен пагански стил, по кој е препознатлив и во пошироката јавност. Низ годините има учествувано на сите домашни и на речиси сите европски карневали. Освоил околу 200 парични награди, плакети, дипломи, благодарници и уметнички слики.
А најдрагата награда му е доделена од Општина Струмица во 2002 година, по повод празникот на градот – „Св. Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици“, кога е прогласен за прв заслужен граѓанин од карневалските групи, за својот исклучителен придонес во областа на културата и карневалот.
- Почнав уште како дете. Ги гледав постарите како се маскираат за празникот Св. Јован, кога во моето родно село Ратево, Беровско, имаше, а и до ден-денес се одржува настанот Ратевски бамбурци, па сакав и јас да пробам. Прво правев маски од тоа што ќе најдев дома и во природата - рогови, ѕвонци, кожи, јута и др. Со текот на времето станав посериозен и секоја година правам нова маска. Така тоа стана моја традиција - ни сподели Цветко Багашовски.
Првата маска ја изработил во 1991 година, на тема „Дива бишка“. Маската била направена од животинска кожа и украсена со ѕвонци. Неговиот препознатлив стил се темели на употреба на природни материјали. Најголемиот дел од маските се рачно изработени од рогови, кожи, пердуви, мов, папрат, гранки и други природни растенија од нашето опкружување.
- Порано маските беа потешки за правење зашто ги немаше денешните готови материјали. Денес има повеќе можности - светла, разни материјали, појак ефект - ни споделува Цветко.
Со карневалска маска освоил „југо 45“
Неговите маски биле претставени и во многу печатени медиуми на карневалите низ Европа каде што настапувал. Најголемата награда што ја обележа неговата карневалска кариера е автомобилот „југо 45“, освоен во 1996 година на Прилепскиот карневал за Прочка, со групна паганска маска изработена од рогови, кожи и ѕвонци, прогласена за најдобра маска. Истата година, со поединечната маска „Двоглаво чудовиште“ ја освои третата награда, која тогаш ја направил од електрични уреди.
- Најчесто маските имаат некаква порака - за природата или за традицијата, за луѓето, за животот, за тоа што се случува околу нас. Инспирација ми доаѓа од секојдневието, од шеги, од настани. За една маска потребни ми се неколку недели, но зависно од комплексноста, некогаш сум посветен и со месеци. Обично работам поединечни маски затоа што сакам секоја маска да биде посебна и различна. Кога е една маска, можеш повеќе да ѝ се посветиш и да има свој карактер - споделува Багашовски.
И секако, има маска која му е најдрага, во која вложил многу труд и била прифатена од публиката.
- Самата маска беше изработена со еротска тематика, т.е. беше машки полов орган кој го носев и на карневали во други држави. Тука би сакал да издвојам една анегдота поврзана со таа маска, имено кога со неа се претставив во Бугарија, луѓето ме задржуваа по карневалот за да можат да се сликаат со неа. Годинава спремам нешто ново и малку поразлично. Ќе има порака и малку хумор. Ќе видите на карневалот, сепак, маските не се откриваат пред време - споделува Цветко.
На изложба бил пречекан од Киро Глигоров
Тој досега бил речиси во сите земји каде што има карневал, Данска, Германија, Италија, сите соседни земји од каде што има собрано прекрасни искуства. Вели дека секој карневал е посебен, различен, секој си има свој белег и е интересен на свој начин.
Еден од моментите што му е врежан во неговото сеќавање е гостувањето на изложба за рачни изработки во Скопје во МТВ каде што бил пречекан од тогашниот претседател Киро Глигоров. Исто така, Цветко има добиено признание - медал од главниот претседател на карневалската федерација на карневалски градови, Фердинан Крон. Неговите маски се дел и од видеоспотот за песната „Самовилска свадба“ на Сашо Гигов Гиш, како и македонскиот филм „Лазар“ на Светозар Ристовски.
И денес Цветко Багашовски со силен ентузијазам и со голема љубов продолжува да создава карневалски маски, останувајќи верен на својот препознатлив израз и длабоката поврзаност со традицијата на Струмичкиот карневал. Неговото творештво претставува значаен дел од културниот идентитет на Струмица и вистинска инспирација за идните генерации.
Фото: приватна архива
Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.