Фондацијата „Трајче Мукаетов“ 12. година по ред им доделува стипендии на студенти на Фармацевтскиот и Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје. Годинава им се доделени 42 нови стипендии на 22 студенти на Фармацевтскиот и 20 студенти на Медицинскиот факултет. Почнувајќи од учебната 2009/2010 година фондацијата доделува и еднократна парична награда на првенците на генерација на овие факултети во висина од 1.200 евра, а годинава ја добиваат четворица првенци на двата факултета, сите стипендисти на оваа фондација. Во фамацевтската компанија „Алкалоид“ се вработени 81 стипендист на „Трајче Мукаетов“.
Листата со стипендисти ќе биде објавена во текот на утрешниот ден. Еднократна парична награда добија Марио Игњатовиќ од Фармацевтскиот факултет и Елиф Врајнко, Стефан Пандилов, Влатко Каранфиловски, Никола Манев од Медицинскиот факултет. Сите се просек 10.
- Особено задоволство ми е што годинава се пријавија исклучително талентирани студенти, па одлучивме наместо 40 да бидат дадени 42 стипендии, со што исполнивме квота од 500 стипендирани студенти за 12 години. Фондацијата „Трајче Мукаетов“ и „Алкалоид“ биле дел од успешната приказна на 374 дипломирани студенти. Првпат годинава Фондацијата има пет првенци на генерација, сите со просек 10 - изјави претседателот на фондацијата „Трајче Мукаетов“ и генерален директор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов.
Доколку ги исполнат предвидените услови, на стипендистите им продолжуваат стипендиите во наредната учебна година. Стипендијата изнесува 6.500 денари во текот на 12 месеци.
Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Никола Јанкуловски, истакна дека стипендиите се поттик за подобра едукација, а сето тоа значи појако здравство.
Деканот на Медицински факултет, проф. д-р Соња Топузовска, рече дека оваа наша водечка фармацевтска компанија се обидува да ги задржи студентите да продолжат да работат во сопствената држава.
- Стипендиите се од големо значење со оглед на тоа дека како дел од здравствениот систем сите ние се трудиме максимално да придонесеме. Практикантството што го овозможува „Алкалоид“ е можност која е добра за нашите студенти, зашто едно е да се работи во лабораторија на факултет, а друго е во реалноста да се види како се работи, да се стекнат практични знаења и искуства. Се надевам дека соработката со „Алкалоид“ ќе продолжи - истакна деканот на Фармацевтскиот факултет, проф. д-р Светлана Кулеванова.