Десетици популарни европски дестинации во последниве месеци воведоа казни, даноци и други ограничувања за патниците, во обид да се спротивстават на прекумерниот туризам.
Меѓутоа, минатата година Копенхаген тргна по сосема поинаков пат. Градот започна да ги наградува туристите кои покажуваат одговорно и свесно однесување преку иницијативата „Копенпеј“. Главната цел на оваа шема е да им се покаже на туристите дека климатските акции можат да бидат многу полесни отколку што мислат, со цел да се промовира одржлив туризам.
Наградите вклучуваат бесплатни изнајмувања на велосипеди, тури со бродови и ручеци за патниците кои помагаат во заеднички градини, собираат отпад или користат јавен превоз.
Следејќи го примерот на Копенхаген, и други европски градови и дестинации како Берлин, Хелсинки и Бремен изразија интерес за воведување на истиот систем.
- Откако го лансиравме „Копенпеј“ минатото лето, забележавме огромен интерес од градови и туристички организации од Европа, Азија и Северна Америка кои сакаат да дознаат повеќе за „Копенпеј“ и за нашите искуства. - изјави Сорен Теген Петерсен, извршен директор на „Вондерфул Копенхаген“, во соопштение за медиумите.
Награди за патување со воз и подолги престои
И во Берлин се размислува за лансирање нова иницијатива следната година со која би се наградувале патниците што пристигнуваат со воз, остануваат подолго, јадат растителна храна и учествуваат во еко-активности, со поволности како попусти за влезници во музеи, бесплатна храна и комплиментарни велосипеди за изнајмување.
Се очекува оваа шема да помогне во намалувањето на јазот меѓу туристите кои сакаат да бидат поодговорни, но не знаат како, и нивното реално однесување.
Градот предложи да се користат мобилни апликации и системи базирани на поени за да се олесни процесот на награди и вклученост, како и соработка со локални бизниси.
И Хелсинки сака да го следи примерот на Копенхаген и да воведе своја верзија на шема за награди. Се очекува тоа да биде особено фокусирано на регенеративен туризам и проекти за обнова на Балтичкото Море, во соработка со други балтички и нордиски дестинации.
Исто така, шемата ќе ги охрабрува туристите да користат јавен превоз и велосипеди, со награди како бесплатни оброци и попусти за тури, меѓу другите искуства.
Слично, германскиот град Бремен, веќе воведе заедничка кампања со „Дојче бан“ за промовирање на одржлив туризам, со планови да го користи моделот на „Копенпеј“ за понатамошен развој. Како дел од шемата, гостите кои преноќуваат и пристигнуваат во Бремен со воз добиваат изненадувачки пакетчиња со мали подароци и ваучери од различни локални туристички бизниси.
- Кампањата беше многу добро прифатена од нашите посетители и нè охрабри дополнително да го прошириме концептот, зајакнувајќи го имиџот на Бремен како одржлива дестинација. За 2026 година планираме уште поголема иницијатива - изјави Оливер Рау, извршен директор на „Бремен Маркетинг енд Туризм“.
Популарни скијачки дестинации на Алпите, како Виа Латеа во Италија и Ле Же-Морзин во Франција, оваа година нудат до 25 отсто попуст на ски-карти за посетители кои пристигнуваат со воз.
Бесплатни пијалаци и посети до музеи
Наградувањето на туристите за одговорно однесување не е сосема нова идеја бидејќи и други градови како Лондон со години имаат свои слични локални програми. Во јули посетителите и жителите во Лондон беа наградени со бесплатен пијалак за учество во акции за чистење.
Во Швајцарија патниците кои избираат да ја истражуваат земјата со јавен превоз добиваат бесплатен влез во над 500 музеи со „Свиc травел пас“ како и до 50 отсто попуст на повеќето планински железници.
„Вајлд Сведен“, наградувана туристичка компанија, исто така нуди пристап до спа и бесплатен оброк во „Хотел Савој“ во Лулео, за посетители кои пристигнуваат во шведска Лапонија со воз за нивниот одмор посветен на северната светлина и дивината.
Минатата пролет Нормандија воведе тарифа со ниска јаглеродна емисија, која нудеше најмалку 10 отсто попуст за влез во 90 атракции и културни локалитети. Ова важи за посетителите што доаѓаат во северниот регион на Франција со автобус, воз или велосипед, и може да се искористи за замоци, музеи, споменици и паркови, како и за изнајмување велосипеди, кајакарење и други активности.
Извор:
Euronews.com
Фото: Freepik