X
 13.03.2023 Образование

Или да се скрати обемот на материјалот или да се намали бројот на интерни испити за матурата, бара ОДАС

Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците (ОДАС) до Собранието и Владата ќе испрати барање за олеснување на полагањето државна матура за годинашната генерација - или да се скрати обемот на материјалот или да се намали бројот на интерни испити.

Претседателката на ОДАС, Анисија Угриновска, за МИА изјави дека тоа се заклучоци од дискусијата што ја организирале во саботата и ќе бидат пратени до Собранието и до Владата, односно Министерството за образование и наука. Таа се огради од протестот што со вакво барање денеска го одржале матуранти пред МОН.
Угриновска рече дека тие не се организатори и, веројатно, протестот е самоиницијативен, но дека и ОДАС ќе организира предупредувачки протест доколку надлежните не ги слушнат нивните барања.

- Како организација, целиме прво работите да бидат решени преку дискусија, а дури потоа би следувале порадикалните мерки. Бараме намалување на обемот на материјалот предвиден за полагање на матурата или скратување на еден интернет предмет. Тоа се должи на два најголеми фактора во последните четири години - бевме зафатени со корона-кризата и имавме година и пол онлајн настава и дојави за бомби. Во меѓувреме имаше и други фактори, така што ние матурантите сме најоштетена генерација и не сме имале една целосна непрекината учебна година - изјави Угриновска за МИА.

Со оглед дека првиот екстерен испит е закажан за 27 мај и, како што рече, времето ги ограничува, повратен одговор на нивното барање ќе очекуваат оваа недела.

- Матурата ни тропа на врата, учениците треба да се подготвуваат. Така што, оваа недела би очекувале одговор. Тоа е актуелен проблем и бара брзо решение. Доколку нашето барање не биде исполнето, во тој случај би најавиле протест - додаде Угриновска.

По однос на ова барање и во врска со денешниот протест, претседателот на Сојузот на средношколци на Република Северна Македонија, Лука Павиќевиќ, во одговор на новинарско прашање на прес-конференцијата што ја организираа денеска рече дека во моментов Генералното собрание на ССРСМ нема донесено одлука и дека треба да се разгледаат сите аспекти.

- За една до две недели ќе имаме Генерално собрание кое ќе се произнесе по ова прашање и Сојузот ќе излезе со официјални барања на средношколците за државната матура. Нашите младински амбасадори контактираат секој ден со средношколците од нивните градови, собираме предлози и идеи и ги анализираме... Но, не е прашање само што би сакала една група на средношколци, туку треба да се размислува за сите, бидејќи има повеќе интереси на учениците што се во конфликт - тие што сакаат да се запишат во странство, тие што сакаат да се запишат на студии тука, тие што можеби не ни сакаат да се запишат на факултет. Така што, проблемот околу државната матура е повеќеслоен и повеќе аспекти треба да се истражат - рече Павиќевиќ.

Според сегашното решение, матурантите полагаат два екстерни и два интерни предмета и проектна задача. Тестот по првиот екстерен испит - мајчин јазик (македонски, албански или турски јазик) и литература е закажан за 27 мај, а на 10 јуни, според календарот на Државниот испитен центар, треба да го полагаат вториот екстерен испит – избор меѓу предметите математика, англиски јазик, француски, германски, руски јазик, филозофија или естетика.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование