X
 10.11.2020 Образование

МОН: Државната матура ќе се полага во јуни 2021 година

Министерството за образование и наука информира дека годинава државната матура ќе се одржи во предвидениот законски рок, односно јуни 2021 година. Полагањето на државната матура е обврска утврдена со Законот за средно образование и се спроведува според Правилникот за полагање испити од државната матура.

- Учебната 2020/2021 година се одвива успешно согласно планот и програмата, а МОН во континуирана комуникација со учениците и училиштата, ќе обезбеди заеднички решенија за непречено и безбедно полагање на матурските испити - велат од Министерството.

МОН ги известува учениците од четврта година дека пријавувањето на матурските испити се одвива во соодветниот законски рок и затоа ги повикува матурантите до крајот на месецот да ги пријават темите за проектната задача, а до крајот на декември да ги пријават и испитите од листата за полагање, која е проширена со уште два предмета.

Оваа учебна година првпат матурантите имаат можност за реализација на матурска проектна задача во согласност со условите во кои се одвива наставата и глобалните трендови на културата. Истовремено, во насока на ефективно и организирано полагање на испитите од државната матура, испитните програми по сите наставни предмети ќе бидат со скратени содржини.

Полагањето завршни испити од државна матура е дел од образовните системи на сите европски земји и земјите од регионот, како што се Словенија, Хрватска, Црна Гора, Косово, Албанија. Во овие земји матурските испити се реализираат непречено и со почитување на сите здравствени и безбедносни протоколи, а пандемијата не беше пречка матурските испити да се организираат непречено и во континуитет.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование