X
 13.04.2022 Наша тема

Да ѕирнеме зад кулисите на театарот преку претставата „Грета“ на режисерката Тамара Стојаноска

Навистина би се изненадила доколку некои колеги се навредат од претставата зашто зборуваме само за мал дел од театарските приказни што се вртат како митови низ театарските кругови, вели таа

Премиера на „Грета“ во режија на Тамара Стојаноска се случи минатиот месец во интересен сценски амбиент - стара дрвена клупа, голема закачалка со облека и двајца актери седнати на училишни столчиња. Ликовите не им ги гледаме, ги кријат со препознатливите театарски маски направени од хартија. Едната маска насмеана, другата натажена. Впечатлива музика го означува почетокот на претставата. Актерите почнуваат да зборуваат од зад маските, односно добиваме впечаток како театарските маски да ни раскажуваат за суштината на театарот. Откако ќе ги тргнат маските, Димитрина Мицкоска и Ане Блажовски на еден брутално искрен начин раскажуваат како станале актери, кажуваат многу приватни работи, така што се доближуваат многу блиску до публиката.

- Идејата за тој дел беше да бидеме максимално искрени, а сепак тоа да не биде сфатено како истурање на фрустрациите или жалење, туку напротив, таа искреност да н зближи со публиката - вели Блажовски.



- Се трудевме да бидеме искрени. Нема потреба да се преправаме дека сѐ е совршено додека се работи една претстава, туку напротив, тие препирки, дебати, истражувања, зближувања на екипата само носат до поискрен резултат. Претставата содржи еден комичен елемент, секоја сцена е како шега на сметка на сите театарџии во една позитивна смисла - додава режисерката Стојаноска.

Какви се театарџиите зад кулисите?

„Грета“ е претстава која го отсликува животот на театарџиите, го прикажува тоа што публиката не го гледа, тоа што се случува зад кулисите. Преку 8. сцени и 16. лика го осознаваме патот на студентите кои подоцна стануваат актери, забележано е однесувањето на професорите, на познати режисери и глумци... Впрочем, екипата која е дел од овој процес очекува театарските уметници да се препознаат и да го прифатат тоа со насмевка, а не да се налутат или навредат, доколку се пронајдат.

- Секогаш се слушаат приказни за проби, типови режисери, актери и тоа е дел од оваа професија. Би била среќна колегите да се поврзат со претставата и да го сфатат хуморот на наша сметка - појаснува Стојаноска.



- Немам страв дека некој би се навредил затоа што сите сцени се природни работи што постојат, вистински режисери и глумици кои се живи и сме ги сретнале и, како што кажуваме на самиот крај, има мачители, тезгари, диви, почетници, ама тоа е театар и ние уживаме во тоа и го сакаме. Вистината не би требало да навредува, баш во случајов ја пласираме на духовит начин и кога некој би се препознал, сигурно тоа ќе биде со насмевка - вели Димитрина Мицкоска.

Мицкоска и Блажовски за Факултети.мк откриваат дали во реалноста им се случила некоја од сцените што ги играат во претставата.

- Конкретно не. Но, ми се случило да се сретнам со колеги кои имале решенија или однесување со кое на почеток не сум се согласувал, но за сѐ постои компромис - рече Блажовски.

Мицкоска, пак, има поинакво искуство:

- Сум имала можност да работам со речиси сите режисери што ги има во текстот, но тоа не ми ја олесни работата, туку ми беше многу тешко да работам на сите трансформации, ми се случи креативна блокада, но благодарна сум што режисерката Тамара и колегата Ане ја издржаа најлошата верзија од мене. Она што сум го научила досега е дека луѓето ги сакаат искреноста и вистината, но само кога не се работи за нив.

„Грета“ според Луц Хибнер и Гете

Претставата е работена според текстови на Луц Хибнер и Јохан Волфганг Гете. Низ претставата се прикажани осум различни концепти за култната сцена со кутијата на Грета од „Фауст“.



- Ане ми прати текст „Грета, страница 89“ од Луц Хибнер и јас веднаш се поврзав со темата. Омилена претстава ми е „Фауст“ во режија на Томаж Пандур и бидејќи на овие години не би се осмелила да ја поставам „Фауст“ на Гете, ова за мене е совршен почеток, раскажува Стојаноска како „паднала“ одлуката за да ја создадат оваа претстава.

Музиката во текот на претставата е дело на Лука Тошeв, а вокалот е на Дина Јашари.

- Мојата желба и возбуда трае од моментот кога Тамара ме побара да ја работиме Грета до денес и до секоја наредна изведба на истата претстава. Моја задача беше да направам музика за премините од еден во друг дел. Се потрудив да ги доловам темата на секој дел, атмосферата и психолошкиот профил на улогите. Со Тамара сакавме да направиме малку помодерен и поекспериментален звук од она што сме навикнати да го слушаме на театарска претстава и за тоа дополнително ни помогнаа волшебните вокали на Дина Јашари - вели Тошев.

- Конечно мојата желба да учествувам во креирање музика за театар се исполни. Интересна задача, но и предизвик е кога музиката што се компонира треба да биде ставена во некаков контекст, односно да служи како алатка што би ја засилила емоцијата или би ја објаснила ситуацијата прикажана на сцена - додава Јашари.

Во текот на процесот на подготовка поминале многу бурен и неизвесен период и поради тоа претставата имала различни верзии.



Кога заврши премиерата почувствував...

- Tага бидејќи следниот ден нема да се разбудиме за да одиме на проба, но од друга страна конечно ја споделивме „Грета“ со публиката - вели Тамара.
- Олеснување и задоволство - вели Ане.
- Олеснување! Стигнавме до резултат што ми донесе само насмевки - рече Димитрина.

„Грета“ е претстава во продукција на независниот театар „Златен Елец“, а на 19 април ќе имаме можност да ја погледнеме во МНТ.

Фото: Јани Патче
Подготвил: Александра Овчарска-Бела

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема