X
 13.06.2025 Живот

12 години бара изгубени биткоини вредни 649 милиони евра, сега неговата приказна станува филм

Во 2013 година велшкиот компјутерски научник Џејмс Хауелс изгубил хард диск што содржел 8.000 биткоини, кои денес вредат речиси 649 милиони евра. По 12 години упорно барање, судски битки и технолошки проекти, бил принуден да се откаже од потрагата по своето богатство. Сепак, неговата приказна сега добива нов пресврт и ќе биде раскажана во документарец.

Банална грешка со милионска цена

Во 2013 година Џејмс Хауелс, тогаш обичен ИТ-техничар во Њупорт, Велс, направил грешка што му го променила животот. Додека го чистел својот канцелариски простор, по грешка фрлил хард диск што го содржел приватниот клуч до неговиот биткоин-паричник. Во тоа време криптовалутата сè уште била непозната и вредела само неколку стотици долари по единица. Но, оваа секојдневна грешка направила една од најголемите финансиски драми на дигиталната ера.

За само неколку години, вредноста на биткоинот нагло пораснала. 8.000 биткоини на Хауелс, првично вредни 8 милиони долари, денес вредат околу 742 милиони долари, што е приближно 649 милиони евра. Но, обична невнимателност се претворила во лична трагедија и глобален симбол за кревкоста на дигиталното богатство.

Потрага како од научнофантастичен филм


Решен да го пронајде хард дискот, Хауелс предложил планови што личат на сцени од научна фантастика. Планирал да користи дронови со вештачка интелигенција и роботи за да ја пребара депонијата во Њупорт, при што ќе се минимизира влијанието врз животната средина. Подготвен бил сам да ја финансира целата операција, но се соочил со бирократски ѕид затоа што локалните власти строго одбиле пристап до депонијата, повикувајќи се на еколошки ризици како испуштање токсични гасови и загадување на подземните води.

Британското законодавство ја усложнило ситуацијата уште повеќе бидејќи секој предмет фрлен на депонија правно ѝ припаѓа на депонијата, а ископувањето е строго регулирано. И покрај неговите напори, жалбите на Хауелс биле одбивани една по една. Во 2024 година британски судија заклучил дека неговите шанси за успех се еднакви на нула, особено поради веројатното оштетување на хард дискот по повеќе од една деценија под тони ѓубре.

Крај на еден сон и почеток на една легенда


Соочен со правен ќор-сокак, Џејмс Хауелс морал официјално да се откаже од потрагата, а неговата приказна станува поучен пример за опасностите од дигиталното богатство и променливоста на криптовалутите. Меѓутоа, авантурата не завршува тука.

Приказната на Хауелс наскоро ќе добие и филмска верзија. Американската продукциска куќа ЛЕБУЛ ги откупила правата за снимање документарна серија со наслов „Закопаниот биткоин: Вистинската потрага по богатство на Џејмс Хауелс“. Проектот, чија премиера се очекува до крајот на 2025 година, ветува спектакуларни визуелни ефекти со кои ќе ја долови потрагата на велшкиот компјутерџија од технолошките надежи до правните неуспеси.

За Хауелс, овој филм е можност да ја сподели својата приказна со светот.

- Ова е првпат навистина да покажам што сакавме да направиме на депонијата - вели тој и додава дека не се откажува од борбата.

Извор: Farmingdaleobeserver.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот