Тревата е едно од најзастапените растенија на планетата и клучен елемент во многу природни живеалишта. Сите знаеме како изгледа со голо око, но фотографија од пресек на трева под микроскоп открива нешто сосема неочекувано - низа насмеани лица.
Оваа фотографија беше објавена на интернет и брзо стана вирална. Иако фотографијата е вистинита и не е создадена со вештачка интелигенција, научната заднина на „насмеаната трева“ отвора интересни прашања: дали навистина секоја тревка, дури и онаа во вашиот двор или во локалниот парк, изгледа вака под микроскоп?
Оригиналната фотографија ја направил Фил Гејтс, професор по биологија на Универзитетот во Дарем и автор на блогот за природна историја „Кабинетот на љубопитности“. За да ја добие оваа слика, тој додал две бои на тенок пресек од тревата „Ammophila arenaria“ и ја осветлил со сино-виолетова светлина.
- Се надевам дека сликата ќе ја поттикне имагинацијата на учениците и ќе ги заинтересира за анатомијата на растенијата - изјавил Гејтс.

Фото: Holly A. Stuart
Како што објаснува списанието „Кемикал & енџинеринг њуз“, сините насмевки се составени од флоем ткиво, кое ја пренесува храната низ растението и има клеточни ѕидови од чиста целулоза. Клетките богати со хлорофил, кои светкаат во кафено-црвена боја, се појавуваат кога вдлабнатините во примерокот се отвораат од влага во воздухот, при што се отплеткуваат листовите на тревата и се активира фотосинтезата.
Оваа појава природно инспирирала низа симпатични претстави и многумина почнаа да ја замислуваат тревата како да нè гледа и да ни се смее. Но, реалноста е посложена. Тревата содржи васкуларни снопчиња, видови цевчести структури поставени вертикално низ секоја тревка.
Оние што под микроскоп ја провериле насмеаната трева, најчесто наидувале на изненадени изрази, слични на емотиконот „:O“.
Кратко пребарување на слики од пресечени васкуларни снопчиња потврдува дека повеќе се среќаваат изненадени отколку насмеани изрази. Така што, на крајот на денот, тревата во вашиот двор можеби и не се смее, туку веројатно е изненадена од вас.
Извор:
Mymodernmet.com
Фото: