X
 13.07.2019 Наука

Причина плус зошто треба да легнувате порано

Ако сте ноќна птица, тогаш ќе треба да ја промените вашата рутина. Луѓето што остануваат до доцна навечер и имаат проблеми да се разбудат наутро, имаат поголем ризик од смрт отколку утринските личности, покажува истражување од Обединетото Кралство.

Истражувањето, кое вклучило речиси половина милион луѓе, открило дека оние што се нарекуваат ноќни птици имале 10 отсто повисоки шанси да умрат отколку утринските луѓе.

- Ноќните птици што треба да станат наутро порано може да имаат здравствени последици врз нивните тела - вели коавторката Кристен Кнустон, вонредна професорка по неврологија на Факултетот за медицина при Северозападниот универзитет.

Истражувањето додава и други истражувања што откриле негативно влијание врз здравјето на „ноќните птици“. Други истражувања покажаа дека оние што сакаат да седат до доцна во ноќта имаат поголема веројатност да развијат дијабетес, губење на мускулите и метаболичен синдром, што вклучува висок крвен притисок, високо ниво на шеќер во крвта и абнормални нивоа на холестерол. Сеопфатниот преглед на дополнителните истражувања покажува дека „ноќните птици“ може да страдаат од овие здравствени проблеми бидејќи имаат навика да јадат доцна навечер, да пијат алкохол и кофеин, да консумираат повеќе шеќер и да јадат помалку овошје и зеленчук.

Истражувачи од претходно истражување велат дека многу од овие здравствени проблеми може да се поврзат со несогласувањето меѓу телесниот часовник на едно лице и циркадискиот ритам и распоредот што се принудени да го одржуваат поради работата и училиштето.

1
Фото: Freepik

- Луѓето што остануваат до доцна имаат внатрешен биолошки часовник што не одговара на нивното надворешно опкружување. Тоа може да биде психолошки стрес, јадење во погрешно време, недоволно вежби или можеби дрога или алкохол. Постои широк спектар на нездрави однесувања поврзани со легнувањето подоцна - вели Кнустон.

Истражувачите испитувале податоци од околу 433.000 мажи и жени на возраст меѓу 37 и 73 години од цела Велика Британија. На почетокот биле прашани дали се „дефинитивен утрински тип“, „умерен утрински тип“, „умерен вечерен тип“ или „дефинитивен вечерен тип“. Смртните случаи во групите биле следени шест и пол години.

Научниците посочуваат дека ноќните птици што се приспособуваат во дневниот свет го загрозуваат своето здравје.

- Ова е јавно-здравствено прашање што повеќе не треба да се игнорира. Треба да се направат напори за „ноќните птици“ да завршуваат работа подоцна, онаму каде што е практично. Потребни се повеќе истражувања за тоа како можеме да им помогнеме да се справат со повисоките напори за одржување на нивниот телесен часовник во синхронизација со сонцето - вели коавторот Малколм вон Шанц, професор по хронобиологија на Универзитетот во Сари.

Научниците велат дека работодавците треба да размислат за пофлексибилни распореди за „ноќните птици“ што ќе одговараат на нивниот циркадиски ритам.

- Ако можеме да ги препознаеме овие хронотипови, генски определени, а не само карактерно, работните места и работните часови може да бидат пофлексибилни за нив. Тие не треба да бидат принудени да стануваат во 8 часот наутро за да одат на работа. Направете смените на работа да се совпаѓаат со хронотипот на луѓето. На некои луѓе повеќе ќе им одговараат ноќните смени - вели Кнустон.

Вашиот хронотип е вашиот уникатен биолошки ритам што одредува кога сакате да се разбудите, да спиете, да вежбате и други работи.

За да станете утринска личност, истражувачите сугерираат да бидете изложени на светлина рано наутро, но не и ноќе. Обидете се да имате рутинска навика кога си легнувате и да правите работи порано.

- Не сте осудени на пропаст. Дел од вас нема никаква контрола, а дел можеби има - вели Кнустон.

Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука