X
 13.11.2019 Наука

Некои нарцисоидни црти се корисни за менталното здравје

Нарцизмот е нарушување на личноста што се карактеризира со зголемено чувство на важност и потреба да се добива постојано воодушевување и емоционално засилување од другите.

Истражувањата посочуваат дека до 6,2 отсто од поединците во дадени истражувачки групи имаат нарцисоидно нарушување на личноста. Сепак, додека одредени карактеристики на нарцисоидноста се фиксни, истражувачите сметаат дека станува збор за нарушување од широк спектар во кое влегуваат макијавелизмот, психопатијата и садизмот.

- Нарцизмот е дел од „четирите темни карактеристики“ на личноста, кој вклучува и макијавелизам, психопатија и садизам. Но, постојат две главни димензии на нарцизмот: грандиозност и ранливост. Ранливите нарциси веројатно ќе бидат поодбранбени и ќе го сметаат некое однесување како непријателско, додека грандиозните нарциси обично имаат претерано чувство за важност и преокупација со статусот и моќта - објаснува Костас Папагеоргиу, предавач на Факултетот за психологија на Универзитетот „Квинс“ во Белфаст, Велика Британија.

Папагеоргиу сакал да открие дали ова нарушување на личноста има некои позитивни црти што можат да помогнат во одржувањето на психолошката благосостојба на една личност. Тој и неговите колеги неодамна објавија истражувања што сугерираат дека луѓето со грандиозен нарцизам се чини дека имаат поголема отпорност кон стресот и имаат помала веројатност да доживеат депресија.

narcis

- Луѓето што се наоѓаат на високо место на спектарот на „темните карактеристики“ како нарцизмот се впуштаат во ризично однесување, имаат нереално супериорно гледиште за себе, претерано се самоуверени, покажуваат мала емпатија за другите и имаат малку срам или вина. Но, истражувањето го испитуваше прашањето дали нарцизмот како пример за „четирите темни карактеристики“ е навистина толку токсичен и зошто е во пораст во современите општества - забележува истражувачот.

Двете истражувања анализирале податоци од други три труда што работеле со 364.244 и 144 учесници соодветно.

Во првиот труд истражувачите имале цел да проценат дали поединците со нарцисоидни својства, како што се грандиозноста и доминацијата, исто така покажале поголема „ментална цврстина“.

Навистина, Папагеоргиу и неговиот тим откриле дека луѓето што покажуваат својства на грандиозен нарцизам имаат поголема „ментална цврстина“ и имаат помала веројатност да доживеат симптоми на депресија. Ова не важело за луѓето што покажале црти на ранлив нарцизам.

Во вториот труд истражувачите забележале дека луѓето со својства на грандиозен нарцизам исто така имаат пониски нивоа на стрес.

- Резултатите од сите истражувања што ги спроведовме покажуваат дека грандиозниот нарцизам е во корелација со многу позитивни компоненти на менталната цврстина, како што се довербата и ориентацијата кон целта, заштита од симптоми на депресија и стрес - вели Папагеоргиу.

- Ова истражување навистина помага да се објаснат варијациите на симптомите на депресија во општеството - ако некое лице е ментално посилно, тоа веројатно однапред ќе ги прифати предизвиците наместо да ги гледа како пречка - додава тој.

- Се разбира, не сите димензии на нарцизмот се добри, но одредени аспекти можат да доведат до позитивни исходи. Оваа работа промовира разновидност и инклузивност на луѓето и идеите со залагање дека темните црти, како што е нарцизмот, не треба да се сметаат како добри или лоши, туку како производи на еволуција и изрази на човековата природа што можат да бидат корисни или штетни во зависност од контекстот - додава тој.

Истражувачот исто така тврди дека поизбалансиран поглед на нарцисоидните црти исто така може да им помогне на истражувачите и на професионалците за ментално здравје да им дадат подобра помош на луѓето со кои работат.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука