X
 13.09.2025 Живот

Мрачна криминалистичка драма со Марк Рафало на Ејч-би-о ги освои гледачите

Творецот на познатата серија „Мер од Исттаун“ се враќа со нов телевизиски хит. Новата криминалистичка драма „Работна група“ (англ. Task) носи мрачна атмосфера, комплексни ликови и приказна полна со напнатост.  Во главната улога се појавува Марк Рафало, кој овој пат го толкува ликот на свештеник што станува ФБИ-агент.

Приказна со поинаков пристап


За разлика од „Мер од Исттаун“, каде што главната мистерија беше кој е убиецот, тука сè се знае од самиот почеток. Серијата не го крие идентитетот на криминалците, туку ја следи напнатата трка меѓу крадците и полицијата. Дејството се врти околу банда работници кои преку ден се обични работници, а навечер планираат и изведуваат опасни грабежи. Нивна мета е бајкерската група „Дарк хартс“.

На чело на бандата е Роби, а проблемите почнуваат кога бајкерите дознаваат кој стои зад нападите. Следува крвав судир кој резултира со четири мртви тела, по што ФБИ се вклучува во случајот.

Рафало како скршен агент на ФБИ


ФБИ го испраќа агентот Том Брандис (Марк Рафало), кој истовремено се бори со лична трагедија и зависност од алкохол. Неговиот лик е далеку од типичен херој.

И покрај ограничените услови, Брандис собира тим од млади луѓе и започнува лов на опасната банда.

Серијата со седум епизоди премиерно беше прикажана на 8 август и веднаш доби одлични критики. На „Ротен томејтос“ држи високи 90 отсто. Критичарите го пофалија режисерот Бред Ингелсби за реалистичниот приказ на Филаделфија и силната актерска екипа. Многумина ја споредија серијата со култниот филм „Жештина“ (1995). Особено се истакнува улогата на Марк Рафало.

Првата епизода на серијата веќе е достапна на стриминг-платформата Ејч-би-о.



Извор: Index.hr
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот