Стотици супермаркети во Франција ја пресметуваат штетата откако хакери далечински ја презедоа контролата врз нивните разладни системи и ја подигнаа температурата на 50 Целзиусови степени. Поради овој сајбер-напад, дојде до масовно расипување на храната, а во некои продавници избија пожари. Париското обвинителство и агенцијата за сајбер-безбедност веднаш поведоа истрага.
Големи загуби за трговските синџири
Нападот се случи во ноќта меѓу 11 и 12 октомври, а на удар беа некои од најголемите француски трговци. Меѓу погодените се „Интермарше“, „Карфур“, „Моноприкс“ и „Кооператив У“. Хакерите ги искористија ранливостите во системите што преку интернет управуваат со фрижидерите и замрзнувачите, оставајќи ги загреани со часови.
Поради опасниот раст на температурата, целата храна во фрижидерите мораше да биде уништена за да се избегнат сериозни здравствени ризици за купувачите. Само во „Интермарше“ беа погодени околу 150 продавници, додека „Карфур“ пријави проблеми во 80 свои објекти. Работниците утринава мораа да фрлаат цели колички одмрзната храна и стопен сладолед во големи контејнери на улица.
- Нападот на опремата клучна за зачувување на свежите производи и снабдувањето на францускиот народ со храна е исклучително сериозно и без преседан - порача на социјалните мрежи извршниот директор на синџирот „Кооператив У“, Доминик Шелшер.
Неговиот колега Тјери Котијар процени дека вкупните загуби на национално ниво ќе изнесуваат десетици милиони евра само во еден ден. Француските власти веднаш реагираа, па премиерот Себастијан Лекорну наложи итност што ја спроведува Националната агенција за сајбер-безбедност (АНССИ).
Ранливост на старите системи
Истражителите брзо открија дека напаѓачите ги искористиле сигурносните пропусти во софтверот на данската компанија „Данфос“, која испорачува контролни табли за разладните системи. Според првите информации, погодените уреди користеле застарен фирмвер кој повеќе не добивал редовни сигурносни ажурирања.
Од компанијата „Данфос“ потврдија дека се свесни за инцидентите и истакнаа дека долго им советувале на клиентите да преминат кон понови системи и редовно да го ажурираат софтверот. Уште во август оваа година експертите за безбедност објавија истражување за ранливостите на нивните контролери кои им овозможуваат на напаѓачите да ја заобиколат проверката на автентичноста.
Франција моментално ја координира истрагата со своите европски партнери бидејќи се стравува од ширење на нападот на други земји. Според сајбер-експертите, слични проблеми се забележани и во Шпанија, Португалија, Полска, Германија и Белгија.
Фото: magnific