X
 13.11.2017 Здравје

Машко здравје: Превентивните прегледи и самопрегледи спасуваат животи

Мажите, за разлика од жените многу потешко и поретко одат на лекар, особено на превентивни прегледи, а забораваат да прават и самопрегледи. Ретко кој маж, велат лекарите, оди кај нив ако нема тегоби. Токму поради тоа, најгласно во ноември, кој се обележува како месец на машко здравје, се зборува за потребата од самопрегледи и превентивни прегледи на мажите заради навремено откривање на заболувања. Еден преглед може да спаси цел живот. 

- Превентивните прегледи се многу значајни и може да значат спасен живот. И да немаат никаков симптом, мажите по 40-тата година во животот треба да започнат превентивни прегледи на уролог, еднаш годишно, доколку поинаку не одлучи лекарот. Дотогаш треба да прават самопрегледи на тестисите, а за секоја забележана промена да консултираат лекар – вели д-р Сашо Дохчев, директор на Клиниката за урологија.

Навременото откривање на болести може особено многу да значи особено кога станува збор за малигни заболувања. На пример, отстранување на туморозната промена во потполност може да значи и живеење нормален живот, без ризици. Но затоа треба да се реагира на време. Или, ако се лекува тумор на тестиси во почетна фаза, во 99 проценти од случаите со неговото отстранување се отстранува и проблемот и нема потреба од натамошни третмани.

До 40 години кај мажите може да се јавуваат тумори на тестисите. Обично почнуваат да се појавуваат од околу 15 години. За среќа, велат лекарите, не се многу чести.
- Секоја промена во големината на тестисот, во тежината, секоја неодредена болка, појава на крв во сперма, необично чувство, напипано грутче, треба да значи одење на уролог – објаснуваат овие доктори.

Ако е постар од 40 години, мажот не мора да има симптоми за мажот да се појде на преглед. Така навреме би се открил и можен рак на простата, но и нејзино зголемување или задебелување - бенигната хиперплазија на простатата - БХП. Имено, БХП е немалигно заболување кое се појавува поради прекумерно растење на клетките на простатата. Како што се развива хиперплазијата, така и уретрата, т.е. цевката низ која излегува мочта од мочниот меур, постепено се стеснува, што доведува до многу симптоми. Простатата е мала жлезда, колку костен, тешка околу 20 грама, која како прстен ја опкружува уретрата. Нејзината нормална функција зависи од машките полови хормони, особено од тестостеронот. Бенигната хиперплазија на простатата не само што го нарушува нормалното темпо на живеење, зашто мажите имаат проблем со мокрењето, туку и влијае на нивниот сексуален живот.

Од 2003 година наваму фондацијата „Моември“ го обележува ноември како месец на машкото здравје. Целта на фондацијата е да ги натера мажите од целиот свет да внимаваат повеќе на себе и на своето здравје, да одат на редовни лекарски прегледи и да дејствуваат превентивно против болестите, како ракот на простата, ракот на тестисите, но и да ги поттикнат на физичка активност и подобрување на менталното здравје. Мажите, пак, во нормври пуштаат мустаќи кои се заштитен знак, а меѓусебе се нарекуваат мо-браќа.

Тест: Проверете дали имате проблеми со простатата
Подготвил: Н.Ф.
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје